Сѐ поголемата потреба за работници во Германија и најавената либерализација на тамошниот закон за доселеници го засилуваат трендот на заминување на граѓаните од Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија, во таа држава што, од другата страна, во нивните матични земји веќе почна да предизвикува загриженост како поради депопулацијата, така и поради недостигот од работна сила
Голем број граѓани на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија, се во исчекување на новиот германски закон за доселеници со кој, како што е најавено, ќе се либерализира можноста за вработување во Германија. Ваквата најава, која ја пренесоа речиси сите регионалните медиуми, се верува дека дополнително ќе го охрабри заминувањето на луѓето од овие простори, а уште повеќе од Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ и од Албанија, земји што не се членки на Европската Унија и се со низок животен стандард во однос на ЕУ. Како што пренесуваат медиумите, се очекува овој закон во наредниот период да ги помине сите процедури и да стапи во сила веќе од први јануари 2019 година. По ваквата најава дека Германија размислува да донесе закон за доселеници со кој на многу државјани на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи и од Македонија, ќе им се олесни заминувањето во Германија, побаравме одговор од германската амбасада во Скопје.
На прашањата дали и во иднина, откако ќе се донесе ова законско решение, на граѓаните од земјите од регионот и понатаму ќе им бидат потребни работните дозволи и дали за тој закон воопшто се дискутира, од Амбасадата на СР Германија во Скопје ни одговорија дека тамошните власти размислуваат за ваков нов закон за доселеници, но тој сѐ уште е во рана фаза и тешко е да се поверува дека би можел да стапи во сила веќе од почетокот на следната година.
– Бидејќи новиот закон за имиграција е во рана фаза односно во фаза на дебата, бараме разбирање дека во моментов не можеме да зборуваме за можните ефекти од законот. Од она што засега ни е познато е тоа дека Германија како земја на доселеници има потреба од квалификувана сила за работа, но детали од евентуалното законско решение немаме и во медиумите сѐ се сведува на шпекулација. Законот ниту е во етапна фаза ниту пак за него е дискутирано во Бундестагот. Она што е познато е тоа дека тој во скоро време тешко може да се преточи во какво било законско решение бидејќи за него засега се дискутира единствено на политичко ниво и ништо повеќе од тоа – наведуваат од Амбасадата на СР Германија во Скопје.
Од амбасада апелираат до граѓаните да не наседнуваат на многубројните дезинформации во јавноста и на приказните на лажни посредници за вадење работни визи по основа на шпекулациите за укинување на визите за работа.
Оттаму додаваат дека на македонските граѓани и на граѓаните на земјите што не се членки на ЕУ од почетокот на следната година, како и досега, ќе им биде потребна виза за да можат да работат во Германија.
Инаку, многу државјани на земјите од Западен Балкан, кои имаат ниски плати, како и невработените, во минатото одлучија да заминат во западноевропски земји, пред сѐ во Германија, а уште многумина планираат да заминат што од другата страна, во нивните матични земји веќе почна да предизвикува загриженост како поради депопулацијата, така и поради недостигот од работна сила.