Најновата тура политички судири на двете традиционално најголеми суперсили директно и индиректно ги поврзуваат Македонија и нејзиното непосредно соседство
Малкумина би спореле дека мирот и стабилноста на Балканот не се тесно поврзани со интересите на суперсилите во регионот Русија и САД. Геополитичките аналитичари честопати сакаат да кажат дека најголема надворешна закана за стабилен Балкан се лошите релации на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп, кои се константно размрдани.
Во меѓувреме, најновата тура политички судири на двете традиционално најголеми суперсили директно и индиректно ги поврзуваат Македонија и нејзиното непосредно соседство.
Хронолошки гледано наназад, најсвеж е примерот од соседна Грција. Атина неодамна соопшти дека протерала двајца руски дипломати и им забранила на двајца други да влезат во земјата поради обид за поткуп на грчки функционери и обид за поттикнување демонстрации за да се спречи спогодбата со Македонија, која може да ја однесе земјата во НАТО.
По протерувањето реагираше и официјална Москва, велејќи дека сето е масло на Западот, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров ја одложи планираната есенска посета на државата. Од друга страна, американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис на последниот состанок на Јадранската повелба во Загреб, коментирајќи ги случувањата на Балканот, меѓу другото, рече дека САД не се наивни и многу се свесни за состојбата во овој дел од светот, иако знаат дека некои некаде би сакале да гледаат како не успева Балканот во неговата разноликост денес.
Друг геополитички настан, кој во регионот ги засега Русија и САД, се преговорите за Косово.
Само оваа недела косовските политичари поддржани од САД и политичарите на Србија што соработуваат со Русија си разменија неколку остри ноти поврзани со развојот на преговорите за Косово меѓу Белград и Приштина.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај во петокот се противеше на споменувањето на поделбата на Косово, односно на размената на територии со Србија, и во своја изјава истакна дека такво нешто би предизвикало трагедија за целиот Балкан.
– Поделбата за мене значи војна и ова го тврдам недвосмислено. Не е добро да се споменува поделбата. Кој било што споменува поделба поради кои било причини, греши, сака да му донесе трагедија на Балканот – изјави Харадинај во интервју за телевизијата Дукаѓини.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, истиот ден за српските медиуми изјави дека не сака да зборува за војни, критикувајќи ја изјавата на Харадинај.
– Јас не сакам да зборувам за војна. Не сакам кога лидерите на други народи зборуваат за војна. Ние не сакаме војна и ќе дадеме сѐ од себе за нашиот народ и земја да ги зачуваме од какви било конфликти – рече Вучиќ.
Во контекст на овие случувања пишуваат и медиумите што предупредуваат на зголемената динамика на развојот на настаните. Неделава угледниот американски весник „Њујорк тајмс“ во своето издание од вторникот објави опширен текст во кој се анализираат сите односи на Балканот во кој се судираат интересите на САД и Русија.
Според тврдењето што го изнесува „Њујорк тајмс“, Балканот во моментов служи како пробен терен за воените игри помеѓу Трамп и Путин.
Весникот потсетува дека, историски гледано, регионот отсекогаш бил место за судир на суперсилите, а Босна и Херцеговина беше колепка на Првата светска војна.
Стивен Ерлангер, шефот на дописништвото на весникот во Брисел, пишува дека како што на Балканот се надмудрува Западот со Русија, така сѐ повеќе има потенцијал да се воведе нова нестабилност во регионот, кој и понатаму закрепнува од војните.
Во својот осврт американскиот весник прави паралела, во која истакнува дека во моментов Балканот има клима што по многу работи е слична со онаа во Украина.
Германската телевизија Дојче веле, пак, во своја анализа на истата тема напоменува дека светските сили се борат за контрола и сфери на влијание во Југоисточна Европа, а сето кажано со фудбалски јазик – во моментов се игра финале за регионот.
– Западен Балкан со векови е арена за големите сили. Хабзбург против Османлиите, западниот систем на вредности против комунистичките држави, а овој пат во офанзива се САД и Русија. Но во натпреварот се мешаат Кина, Турција и ЕУ – наведува Дојче веле.