По учеството на „Израел повикува“ и по настапот на финалето на СЕХА-лигата во Скопје, како ексклузивни гости, нашите евровизиски претставници „Ај кју“ деновиве беа дел и од традиционалниот промотивен настан „Евровижн ин концерт“ што се одржа во Амстердам. На средбата учествуваа 34 евровизиски делегации, а официјалната евровизиска забава беше поддржана од ЕБУ.
За десеттото јубилејно издание организаторот се потруди да обезбеди концертен простор со поголем капацитет од претходните години, па настанот се случи во арената „Афас“ пред околу петилјадна публика. Пред концертот за сите учесници беше организирано официјално претставување пред медиумите, како и голем број поединечни интервјуа.
– Поминавме два интензивни дена во Амстердам, агендата беше навистина напорна, но задоволни сме од сработеното и од одличната организација. Навистина ни е драго што имавме можност да настапиме во Амстердам, кој е еден од најголемите музички центри во Европа. Тоа е град во кој секој ден се случуваат некои музички концерти и многу ни значи добиената поддршка од публиката што овде има широко познавање на музиката. Исто така забележавме и дека сите се горди и благодарни што имаат можност да бидат домаќини на овој евровизиски настан во нивниот град – вели Бојан Трајковски.
Во меѓувреме „Lost and Found“ продолжува да ја воодушевува публиката низ Европа, па видеото за македонската евровизиска песна oд самото објавување е меѓу десетте најпрегледувани на официјалниот јутјуб-канал од вкупно 43 евровизиски песни. „Lost and Found“ се најде и меѓу најпреслушуваните песни на повеќе онлајн-платформи во некои земји, меѓу другото и како единствена евровизиска песна годинава.