Во репортажа од Македонија, француската новинска агенција АФП, известува за учебниците по историја и за начинот на кој македонските деца учат за Александар Македонски.
Новинарите на АФП се интересираат за содржината на македонските учебници по историја од падот на комунизмот па сѐ до владеењето на Никола Груевски. Агенцијата, меѓу другото, го цитира историчарот Тодор Чепреганов, кој вели дека „падот на Југославија го обнови националниот романтизам“ во Македонија, но дека трендот го засилила ВМРО-ДПМНЕ за време на своето владеење, особено преку начинот на кој се учи за историјата.
Од АФП потсетуваат дека владата на Зоран Заев вети оти учебниците ќе бидат ревидирани од страна на експерти, не од политичари, но дека ќе биде тешко да се смени менталитетот кај наставниците, особено кај најмладите.
Новинарите констатирале дека некои Македонци не се сметаат воопшто за Словени, туку за „директни потомци на Филип и Александар“.
– „Горна Македонија“, најверојатно, е новото име на државата, но националниот наратив потешко ќе се смени отколку името – констатира АФП. П.Р.