Од 25 до 27 мај во селото Богомила, општина Чашка, четврти пат се одржува велосипедски офроуд-настан, кој поради проширувањето на активностите оваа година прерасна во „аутдор-фестивал“
Велосипедистите четврти пат ќе ја возат патеката низ чудесниот крајолик на областа Азот, најчистиот дел од Македонија. Во организација на „Велес бајкинг“, оваа година, од 25 до 27 мај, во селото Богомила, општина Чашка, се одржува велосипедски офроуд-настан, кој поради проширувањето на активностите оваа година прерасна во „аутдор-фестивал“. Тридневната агенда на активности е исполнета со интересни содржини.
Главен настан е планинскиот велосипедизам, кој во програмата има предвидено две патеки, и тоа голем маратон со должина 53,5 километри, плус совладување 1.805 метри надморска височина низ селата Богомила, Црешнево, Капиново, Нежилово, планинарскиот дом „Чеплес“, Папрадиште, кон Прилепски пат и враќање во селото Богомила, и мал маратон со должина 34,5 километри и совладување 1.011 метри надморска височина. Патеката почнува од Богомила низ Нежилово, потоа планинарскиот дом „Чеплес“ кон селото Папрадиште, потоа Прилепски пат и завршува повторно во Богомила.
– Стартот и целта на двете патеки се во кампот во дворот на ОУ „Петар Поп Арсов“ во Богомила, на 497 метри надморска височина, а највисоката точка каде што поминуваат велосипедистите е 1.435 метри н.в., на 1 километар од домот „Чеплес“. Патеките се возат низ еден од најубавите предели во Македонија. Во најголем дел од патеката се вози низ шумски предел со преубави погледи кон врвот Солунска Глава, низ пет мали или поголеми водопади, каде што природата ја покажува својата имагинација. Чистиот воздух го има во неограничени количества – вели Зоран Јаневски, организаторот на „Азот 2018 МТБ предизвик“.
Покрај ова, предвидено е и планинарење околу Азот. За оваа година предвидена е една од среднолесните планинарски патеки, која исто така почнува од Богомила, води низ Капиново, Црешневскиот преслап, Црешнево и се враќа во Богомила, во должина 16,9 километри. Патеката изобилува со прекрасни делови и поглед кон Солунска Глава и целиот регион на Азот.
Како трета активност организаторите најавуваат и патека за планинско трчање во должина од 17,1 километри.
– Исто така, на наша покана, како гости на настанот ќе бидат претставници од Македонската алпинистичка федерација (МАФ), кои ќе имаат своја презентација, а на денот на настаните ќе имаат и качувачки активности на местото Нежилови карпи – додава Зоран.
Ден пред главниот настан, в сабота, 26 мај, предвидено е излетничко возење со велосипед до селото Бистрица и посета на уникатен етномузеј и посета на црквата „Св. Петар и Павле“, потоа предвидени се видеопроекции и документарни филмови за регионот Азот и за Богомилското движење, кое својот почеток го има токму од овие краишта. Ќе има изненадувања во самиот камп, голем видеобим, каде што љубителите на фудбалот ќе имаат можност да го следат финалето на Лигата на шампионите и на крајот програмата в сабота некаде пред полноќ завршува со рок-концерт на „Епидеми“ од Неготино.
Азот се наоѓа во средишниот дел на Македонија, сместен во долината и по горниот и средниот тек на реката Бабуна. На север и на запад е ограден со масивот на Мокра Планина, а на југ и југоисток со северните падини на планината Бабуна. Се наоѓа југозападно од градот Велес и низ целата област протекува реката Бабуна. Се карактеризира со мошне сложен релјеф. Подрачјето е претежно ридско-низинско, освен делот каде што се наоѓа масивот Јакупица, кој е изразито планински.