Најголемата добивка за нас како федерација и за атлетскиот спорт во Македонија, воопшто, е адаптираниот дел од стадионот на АРМ, за фрлачки дисциплини, кој е според меѓународните стандарди, вели претседателката на АФМ, Александра Војневска Зикова
Викендот во Скопје, на арената „Тодор Проески“, се одржа 8. Европско првенство (ЕП), трета лига, екипно, на кое настапија над 300 натпреварувачи од 14 земји, меѓу нив и Македонија, со 24 атлетичар(к)и во повеќе дисциплини.
– Организацијата на едно вакво големо натпреварување беше голем предизвик за сите нас во Атлетската федерација на Македонија (АФМ), во која јас сум на челната позиција од неодамна, од пред месец и половина. Екипното ЕП беше голем настан, беше многу напорно за сите нас, бидејќи досега никогаш не сме организирале нешто слично. Во целата организација непосредно беа вклучени над 150 луѓе, од судии до волонтери. Првичните оцени од делегатите од Европската атлетска асоцијација (ЕАА) беа добри, верувам дека и конечната оцена ќе биде позитивна.
Многу ми е драго и што арената „Тодор Проески“ блесна во ново, атлетско руво и на неа првпат се одржаа и натпревари во скок со стап. Добивме нови реквизити што ни недостигаа, а најголемата корист за нас како федерација и за атлетскиот спорт во Македонија, воопшто, е адаптираниот дел од стадионот на АРМ, за фрлачки дисциплини, за кладиво, ѓуле и за копје, кој е според меѓународните стандарди. Добивме лиценца од Интернационалната атлетска асоцијација (ИААФ), што значи дека таму во иднина ќе може непречено да се тренира и да се организираат како национални така и врвни меѓународни натпревари, балканијади, ЕП итн. – изјави претседателката на АФМ, Александра Војневска Зикова.
На спортски план, на тартан-патеката, фаворитската улога ја оправда младиот 21-годишен македонски спринтер Јован Стојоски. Тој победи во трката на 100 метри, со време од 10,72 секунди, што е негов личен рекорд, а на 400 метри беше трет, со 46,94 секунди, нов рекорд на Македонија за атлетичари до 23 години.
– Презадоволен сум од двете трки и од постигнатите времиња, забележани на голема спарина и многу висока температура. Во моментов ова е мојот максимум, за натаму ќе видиме – изјави кратко Стојоски.
Од другите македонски претставници на првиот натпреварувачки ден, за издвојување се и триумфот на Дрита Ислами на 400 метри со пречки (1;00,81 минути) и третото место на 400 метри со личен рекорд (56,72 секунди). Олимпискиот стипендист Дарио Ивановски настапи во трката на 1.500 метри, беше шести, со време од 3;53,25 минути (неговото најдобро време во оваа дисциплина изнесува 3;47,13 – н.з.), од Медитеранските игри лани во Тарагона, Шпанија.
Ветеранот, 37-годишниот Кокан Ајановски беше седми во трката на 5.000 метри со личен рекорд, 16;10,65 минути.