Спасувачкиот фонд на еврозоната го одобри спроведувањето на големиот план за олеснување на грчкиот долг, кој треба да ѝ даде на Атина можност да наталожи значителни заштеди за неколку децении.

Мерките вклучуваат подобри каматни услови и исплата на одложени плаќања, кои првично беа договорени во јуни. Советот на директори на Европскиот фонд за финансиска стабилност (ЕФФС) на седница во Луксембург ја активира програмата, откако заклучи дека Грција ја исполнила листата со услови.

Грција излезе од трета програма за спас во август, но останува под внимателен надзор од институциите на ЕУ, за да продолжи со административните реформи и мерки за намалување на трошоците и покрај високите нивоа на сиромаштија и невработеност.
Одлуката беше донесена еден ден откако во извештајот на Европската комисија беше наведено дека Грција ги почитува обврските од програмата за спасување.


СИРИЗА со понизок рејтинг од Нова демократија

Главната опозициска партија во Грција, Нова демократија, го одржува водството пред владејачката СИРИЗА на премиерот Алексис Ципрас, покажува последната анкета спроведена во периодот од 6 до 11 ноември. Според резултатите, за СИРИЗА се изјасниле 22 проценти од анкетираните граѓани, додека поддршка за партијата на Мицотакис дале 38,5 проценти.
Централно-левичарската партија Движење за промени ја има поддршката од 9,5 отсто од анкетираните лица, по што следува Комунистичката партија со 7,5 отсто и неонацистичката Златна зора со 7 отсто.