Атина и Тирана разменија меѓусебни обвинувања по нападот со огнено оружје врз албанската полиција и убиството од страна на специјалната полициска единица Ренеа на напаѓачот, во селото Буларат во областа Дропул Констадинос Качифа.
Грчкото министерство за надворешни работи во реакцијата упатена до Тирана истакнува дека е неприфатливо убиството на еден грчки државјанин и притоа бара објаснување за причините за убиството. Од друга страна, албанското МНР на оваа реакција на Атина одговара со оцената дека ,,Грција не треба да го политизира овој случај“. Албанскиот премиер Еди Рама, кој во својот профил на Твитер се огласи со пораката: ,,Почитувани соседи, дојдете и обединетете се со нас, бидејќи денеска од страна на еден екстремист можеше да загинат недолжни луѓе“.

Албанските медиуми пренесуваат информации дека убиениот Констадинос Качифа пукал од огнено оружје кон специјалните единици, кои се обиделе да го симнат грчкото знаме. Тој последните години живеел во Грција и имал албанско и грчко државјанство. Тој бил член на екстремистичката грчка организација ,,Златна зора“. Честопати од Грција преку социјални мрежи искажувал протести против Тирана, која ја обвинувал за непочитување на правата на грчкото малцинство во Албанија.
По тешкиот инцидент што се случи во селото Буларат кај Ѓирокастро, албанските аналитичари оценуваат дека се можни нови тензии на релацијата Атина – Тирана. Сега кога е при крај договорот за соработка меѓу Албанија и Грција со кој се надминуваат големите билатерални несогласувања за морската граница, законот за воена состојба, малцинствата во двете држави и за други прашања, можно е договорот да не биде потпишан барем за одреден период.

Агенциите информираат дека шест лица биле повредени во судирите што избувнале меѓу група Грци и Албанци во Геракас, во источниот дел на Атина.

Конфликтот се случил вчера (околу два часот по полноќ), а според грчките медиуми, борбата била закажана на еден паркинг помеѓу две улици.

По борбата три лица итно биле пренесени во Клиничкиот центар на Марусија, вклучувајќи и еден Грк, кој добил прострелна рана. На местото на судирот било откриено оружје, кое ќе биде детално испитано, соопштија тамошните власти.