Користењето автомобили на гориво кај луѓето од горната класа станува застарено, а глобалниот тренд, кој наложува користење електрични автомобили, зема сѐ поголем замав. Затоа на саемот во Женева се појави електричен концепт на автомобил што не создава штетни гасови, наречен „лагонда вижн“. Електричниот автомобил од „Астон Мартин – Лагонда“ ќе биде спортски автомобил. Новата марка „лагонда“, лансирана од „Астон Мартин“, има цел да стане најлуксузниот бренд на електрични автомобили со нула емисија на штетни гасови. Концепт-моделот беше претставен на шоуто и според најновите вести првиот производствен модел ќе биде овозможен во 2021 година.
„Лагонда“ ќе биде целосно електричен спортски автомобил и ќе користи солид-стејт батерии, кои овозможуваат 640 километри опсег на патување. Бидејќи не постои голем В6 или 8 мотор што би зафаќал простор, автомобилот е дизајниран да биде пократок и понизок од другите автомобили. Со батериите и погонскиот мотор вграден во подот, компанијата тврди дека четири возрасни лица, високи два метра, можат да уживаат во добро опремената кабина. Концептот на ентериерот во „лагонда“ беше дизајниран во партнерство со Дејвид Сноудон и користи најсовремени композити. Користењето на современите материјали како плексиглас и керамика во комбинација со класичните материјали како кашмир и свила, дава еден современ дизајн во луксузен стил. Што се однесува до вратите, тие се отвораат и нанадвор и нагоре, овозможувајќи им на патниците да излезат од возилото без да се наведнуваат. Управувачот може да ги менува страните во зависност од тоа во која држава сте, но ова ќе се повлече доколку имате избрано автоматско возење. Се планира возилото да има можност за целосно автоматско возење, овозможувајќи му на возачот да ги тргне очите од патот подолго време. Со тоа возачот и патниците би можеле да ги вртат своите столчиња наоколу и да разговараат со некого на задното седиште.
„Астон Мартин“ веќе претстави еден електричен спортски автомобил пред три години, наречен ДБХ. Името за производната верзија на ДБХ се очекува да биде „вераки“. Електричниот концепт на „лагонда“ веројатно ќе има и производна верзија, но таа не се очекува до 2023 година. Брендот „Астон Мартин“ ја поседува „лагонда“ од 1947 година, но последниот автомобил под марката „лагонда“ бил произведен во 1977 година.
– „Лагонда“ е приближно на иста возраст како „ролс-ројс“. Но во својата нова форма „лагонда“ ќе биде електрична. Има цел да ги привлече традиционалистите, но и другиот дел од корисниците што сакаат да добијат надградување во перформансите на електричните автомобили – изјави извршниот директор на „Астон Мартин“, Енди Палмер.
„Астон Мартин“ ја оживува марката „лагонда“ како електричен ривал на „ролс-ројс“ и „бентли“, со амбиција да ги преземе сегашните сопственици на возилата „тесла“.
„Тесла“ цели да го освои пазарот во рангот на најскапи електрични автомобили, од истата причина го претстави спортскиот автомобил „роадстер“ во 2008 година и „моделот С“ во 2012 година. „Јагуар“ стана премиум-бренд за електрични автомобили, оваа година „И-Пасе“ ќе почне со продажба, а „Порше“ следната година ќе го лансира целосно електричниот автомобил „мисија Е“. „Астон Мартин“ се надева дека ќе го освои луксузниот простор за технологијата што е предвидена да доминира во индустријата во иднина.