Баерн ниту една шампионска титула не прославил на арената „Алијанц“, на која се пресели во 2005 година. Последното домашно славење беше во 2000 година на стариот Олимписки стадион во Минхен
На пет кола до крајот на сезоната и со предност од 20 бода, Баерн ја освои шестата едноподруго титула првак на Германија, вкупно 28-ма во клупската историја. Титулата беше заверена на гостувањето против Аугсбург (4-1) што значеше дека Баерн повторно шампионскиот пехар го крена на гостински стадион. Баерн ниту една шампионска титула не прославил на арената „Алијанц“ на која се пресели во 2005 година. Последното домашно славење беше во 2000-та на стариот Олимписки стадион. Од преселбата на новиот стадион, 11 од вкупно 12-те титули беа освоени со победа или со реми на гости. Во сезоната 2014/2015 Баерн стана првак во ден во кој не настапи!
Еден од најзаслужните за успехот на Баварците, секако, е тренерот Јуп Хејнкес (72), кој ја презеде функцијата лани во октомври, и по отпуштањето на Карло Анчелоти кога Баерн заостануваше пет бода зад Борусија Дортмунд. Оттогаш Баерн забележа 28 победи на 31 натпревар во сите конкуренции. За Хејнкес ова беше четврта титула (првата ја освои пред 29 години), прва по „пензионирањето“ во 2013-та кога ја освои тројната круна – титулата европски првак, шампион на Германија и победник во националниот куп.
Баерн е во слична добитна комбинација и годинава бидејќи е пред пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) и вечерашниот реванш-меч против Севилја на „Алијанц“ (првиот меч го доби Баерн со 2-1), а во германскиот куп во полуфиналето се среќава со Баер на 17 април. Меѓу фудбалерите најмногу заслуги за новата титула им се припишуваат на Колумбиецот Хамес Родригез (шест гола и 10 асистенции), кој се прероди по доаѓањето на Хејнекс, на Роберт Левандовски (26 гола), на бекот Џошуа Кимих „новиот Филип Лам“, кој има најмногу истрчани километри од сите (околу осум км по меч), столбовите во одбраната, Мат Хумелс и Жером Боатенг, кои се прв избор и на селекторот Јоаким Лев и кои многумина ги сметаат за најдобра центархалфска двојка на светот. Со шестата титула во низа Баерн се израмни со Јувентус (2012-2017), кој на седум кола до крајот на шампионатот во Серија А е лидер со 81 бод, четири повеќе од Наполи.
шест шампионски титули едноподруго може да се пофали и Спартак Москва (1996-2001). Најуспешни клубови во оваа категорија, кога станува збор за посилните и поквалитетни европски лиги, се украинскиот Динамо Киев со девет (од 1993 до 2001-та) и францускиот Лион со седум титули (2002-2008) во низа. По пет национални титули едноподруго освоија Реал Мадрид, двапати (1961-1965 и 1986-1990), а по еднаш Интер (2006-2010). Порто (1995-1999) и Андерлехт (1964 – 1968). Четири титули едноподруго освоиле ПСЖ (2012-2015) и Галатасарај (1997-2000) итн.