Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) одлучи да ги укине реванш-мечевите во ФА-купот почнувајќи од петтата рунда закажани за 16 и 17 февруари 2019 година, една сезона порано од планираното. Ова решение следува поради згуснатиот календар во Премиер-лигата и откако шест англиски клуба се пласираа во нокаут-фазата во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) и првите осминафинални и шеснаеттинафинални натпревари ќе се играат во тој период.
Тоа значи дека доколку на некој од натпреварите од петтата рунда по 120 минути игра заврши нерешено победникот ќе биде решен со изведување пенали, а не како досега да се игра нов, реванш-меч. За да се компензира загубата од репризниот меч, ФА одлучи премијата од 360.000 фунти (400.000 евра) за победа во петтиот круг, во мечот што ќе се игра повеќе од 90 минути да ја подели врз основа 75/25 во корист на победничкиот тим. Од следната сезона, победникот ќе ги добива сите пари.
Следната зима, кон крајот на јануари и во почетокот на февруари, би требало да профункционира и зимската пауза во англискиот фудбал.