Еволуцијата во спортската наука природно влијаеше врз еволуцијата на тактиките и создаде побрз спорт. Ова уште повеќе ѝ дава предност на младоста и сѐ повеќе ја вреднува неизмерната енергија, она што им одговара на најдобрите модерни фудбалски тренери, пишува „Индепендент“
Во Англија деновиве се играа мечевите од Лига-купот, последно по квалитет фудбалско натпреварување во кое главна карактеристика е тоа што менаџерите им даваат шанса на резервните и на младите играчи, најчесто на возраст под 20 години. На мечот Ливерпул – Арсенал (5-4 на пенали, 5-5), Харви Елиот со 16 години и 209 дена стана најмладиот фудбалер на „црвените“ што бил во почетниот состав на стадионот „Енфилд“. Во тимот на Јирген Клоп имаше уште четворица тинејџери, со што просекот изнесуваше 23 години и 122 дена, најмал по јануари 2017. Слична е ситуацијата и во другите клубови, каде што менаџерите (во Арсенал, Челси, Манчестер јунајтед, Манчестер сити итн.) сѐ повеќе им даваат шанса на младите и талентирани фудбалери.
Последниве години како да стана тренд најпознатите европски клубови, особено од петте најсилни лиги, да ангажираат млади талентирани играчи, на возраст до 20 години и сѐ повеќе да им даваат шанса да играат. Примери има многу, а еден што можеби најдобро ја отсликува сегашната ситуација на фудбалскиот пазар е младиот, 19-годишен англиски репрезентативец Џејдон Санчо, играчот на Борусија Дортмунд. Германците го ангажираа Санчо пред две и пол години и на Манчестер сити тогаш му платија осум милиони евра. Но, како што стојат работите, следното лето би можеле да го продадат за над 100 милиони евра.
Ајакс работи слично, едуцира млади и квалитетни играчи, кои потоа ги продава. Од другата „страна на медалот“ како пример може да се земе Данецот Кристијан Ериксен од Тотенхем, кој најверојатно ги поминува последните месеци во лондонскиот клуб. Ериксен во февруари ќе наполни 28 години и шансите за голем трансфер сѐ повеќе се намалуваат. Станува збор за природата на современиот фудбалски трансфер-пазар, на елитно ниво, пишува англиски „Индепендент“. Ериксен сака да замине во Реал, но неговата возраст и сѐ полошата форма го оддалечуваат од Мадрид. Друга битна причина е што Реал веќе не е клуб што ангажира мегаѕвезди само затоа што може да си го дозволи тоа. „Кралевите“ повеќе не се заинтересирани за играчи постари од 26 години, за што говори податокот дека претходните пет години ангажирале само четворица над таа возраст, од кои тројца се голмани, а четвртиот е Еден Азар. Тоа значи дека просечната возраст на нивните главни играчи купени за првиот тим, ангажирани од 2014 година досега, е само 21,5 година. Таа возраст е најниска меѓу суперклубовите, но и го претставува трендот. Просечната возраст на играч што го ангажираат најдобрите клубови сега е околу 23 години.
Тоа е само уште една еволуција на фудбалската игра во споредба од пред петнаесетина и повеќе години, во времето на Зинедин Зидан, Луис Фиго или Кристијан Виери, кога возраста од 28 години се сметаше за најдобра и кога фудбалерите беа на врвот од своите можности. Сега е обратно. За некои играчи има малку заинтересирани и нивните сегашни клубови не знаат како да се ослободат од нив, затоа што ретко кој клуб е подготвен да вложи многу пари за нив. Има повеќе причини за такво нешто, покрај можноста за повторен трансфер, за враќање на парите или за нова заработка. Тоа е начинот на модерната игра, со што се влијае и на современиот пазар.
Брзината и интензитетот ги освојуваат сите. Еволуцијата во спортската наука природно влијаеше врз еволуцијата на тактиките и создаде побрз спорт. Ова уште повеќе ѝ дава предност на младоста и сѐ повеќе ја вреднува неизмерната енергија, она што им одговара на најдобрите модерни тренери како Пеп Гвардиола, Јирген Клоп или Маурисио Почетино. Заеднички со тоа е и еволуцијата на координираната, напаѓачка игра и тактика, реализирана речиси автоматски. Најдобри кандидати за остварување на сето ова се токму младите флексибилни играчи, кои се поприспособливи во прифаќањето на идеите, на различен начин од повозрасните колеги, истакнува „Индепендент“.
Просечна возраст на фудбалери ангажирани
од 2014 година
КЛУБ ГОД.
Реал М. 21,5
Тотенхем 22,8
Баерн 23,3
Ливерпул 23,4
Барселона 23,9
Манчестер с. 23,9
Манчестер ј. 24
Арсенал 24
Атлетико 24,3
ПСЖ 24,8
Челси 25
Јувентус 25,1
Извор: Индепендент