Американците и Русите во 2019 година ќе го зголемуваат военото присуство на европските граници, по одлуката на САД да се повлечат од договорот за нуклеарни оружја со среден дострел, прогнозира Стратфор
Американската одлука за повлекување од Договорот за нуклеарни оружја со среден дострел (ИНФ) во 2019 година уште повеќе ќе ги зголеми военото присуство и натрупувањето војска на САД и на Русија, особено на европските граници. Полска, Романија и балтичките држави ќе бидат најподготвени да прифатат дополнителни американски распоредувања, иако ќе биде потребна барем уште една година да помине за САД да распоредат ракети со среден дострел во регионот. Од своја страна, Русија ќе ги зголеми военото присуство и капацитетите во Калининград, западна Русија, Крим и Црно Море. Ќе продолжат преговорите меѓу Вашингтон и полската влада за градење постојана американска воена база во земјата, иако изградбата нема да почне во 2019 година.
Покрај заканата за употреба на воена сила, Русија физички ќе го зголеми военото присуство во 2019 година во поранешните периферни држави на Советскиот Сојуз.
Впрочем, Русија ќе ги јакне напорите да ги зголеми военото присуство и инфраструктурата во Белорусија, вклучувајќи го и отворањето воздухопловна база. Во актуелниот конфликт меѓу Украина и Русија ќе продолжи да се развива нов фронт во Азовско Море. Двете држави ќе го зголемат поморското распоредување, а САД ќе ја зајакнат безбедносната поддршка за Украина. Американското повлекување од ИНФ ќе направи притисок врз другите договори за контрола на оружјето, но нема да предизвика целосно раскинување на „Новиот СТАРТ“, договорот за стратегиско оружје меѓу САД и Русија потпишан во 2010 година, со што се ограничува бројот на боеви глави што може да ги поседува секоја држава.
Во меѓувреме, Русија жестоко ќе ја води офанзивата на хибридната војна против западните држави и оние што тежнеат кон нив, така што ќе се меша во внатрешната политика, ќе шири пропаганди и ќе спроведува сајбер-напади и тајни операции во обидот да го ослаби единството на ЕУ и НАТО. Изборите во Европскиот парламент закажани за мај, ќе ѝ дадат можност на Русија да ги поддржи крајната десница и антивладините партии низ Европа, особено во Унгарија, Италија и во Франција. Русија исто така ќе цели и на балканските држави, особено на Србија, Македонија и Црна Гора, со комбинација од политичко мешање, дезинформациски тактики и економска помош во обидот да ги спречи интеграциските напори за ЕУ, прогнозира американски Стратфор.
Русија ќе биде најефикасна во хибридната војна во Молдавија, каде што во парламентарните избори во февруари најверојатно политички ќе профитира промосковската Социјалистичка партија. Со таков резултат, Молдавија повеќе ќе се приближи кон Русија, додека, од друга страна, ќе ги замрзне, па дури може и да ги прекине, интеграциските напори во ЕУ.
Западот ќе ги спречува руските хибридни тактики со засилување на притисокот од санкциите додека ги зајакнува и координира сајбер-безбедноста и антипропагандните стратегии.
Од САД може да се очекува да наметнат санкции врз повеќе руски функционери и ентитети и да ги прекинат трговските канали, па дури и можеби да ги минимизираат дипломатските врски. Конгресот на САД би можел да ја притисне Белата куќа да заземе поекстремен став кон рускиот национален долг или да ги забрани доларските трансакции со најголемите државни банки. Санкциите ќе бидат поконтроверзни во ЕУ, но блокот ќе ги зачува во текот на годината. Обидите на Русија да се изолира од санкциите со формирање резерви со странски валути и финансиски фондови, ширењето на трговските врски и намалувањето на изложеноста и зависноста од доларските трансакции, ќе ѝ овозможат да избегне голема економска криза во 2019 година. Со тоа што САД ќе ја зголемат безбедносната поддршка за прозападните држави како Украина и Грузија, Вашингтон исто така ќе го спречи руското влијание во државите во близината на орбитата на Москва, како Ерменија и Узбекистан.
Американци
Во меѓувреме, на домашен план во Русија, економските мерки што не се омилени кај народот, како што се поместувањето на старосната граница за пензионирање и данокот на додадена вредност, ќе предизвикаат протести што ќе бидат поддржани од опозиционерите како Алексеј Навални. Кремљ ќе одговори на протестите со остри мерки, политички прераспределувања и селективни компромиси за барањата на народот. Доминантната позиција на владејачката партија на Путин може да се намали затоа што системските (или блиски на Кремљ) опозициски партии, како Комунистите, Либералдемократската партија на Русија и партијата Праведна Русија, ќе се борат за гувернерски и парламентарни места на регионалните избори закажани за септември. Русија може да очекува понатамошни турбуленции на домашната сцена во 2019 година, но политичките партии што се против владеењето на претседателот Путин сериозно ќе треба да се потрудат за да го предизвикаат.
Опозициските партии ќе ја зајакнат својата меѓусебна соработка за да создадат посилен предизвик за Единствена Русија, потег што претседателот Владимир Путин внимателно ќе го дозволи за да го спречи подемот на несистемските опозициски сили. На безбедносниот фронт, Русија ќе го прераспредели лидерството на воената разузнавачка агенција ГРУ по низата контроверзни операции надвор и ќе размести дел од нејзините одговорности и капацитети меѓу другите безбедносни органи, и тоа во Федералната безбедносна служба (ФСБ) и Службата за надворешно разузнавање (СВР).
Пекинг и Москва ќе го оспорат актуелниот светски поредок
Русија ќе сака да ги прошири своите врски и вклученоста низ светот за да ја намали западната хегемонија и да го оспори светскиот поредок предводен од САД. Кина, чии интереси за предизвикување на Вашингтон во рамките на натпреварот меѓу големите сили се исти со руските, ќе се најде во фокусот на руските обиди. Русија и Кина ќе ги зајакнат своите економски и енергетски врски оваа година, а Пекинг исто така ќе ги зголеми инвестициите во градењето фабрики, гасоводи, патишта, железнички станици и други инфраструктурни проекти во Русија, особено на нејзиниот Далечен Исток. Државите исто така ќе ги зајакнат воените врски, најверојатно со зголемување на бројот и обемот на нивните заеднички воени вежби, како билатерално така и мултилатерално, преку Шангајската организација за соработка. Москва и Пекинг ќе продолжат со меѓусебната трговија на оружје, и покрај притисокот од санкциите од САД и нивните конкуренти на истите пазари за оружје.
Од другите места во Азија, Русија ќе сака да ги зајакне своите економски односи со Јапонија, иако нивниот незавршен територијален спор околу Курилските Острови ќе го ограничи значителното проширување на врските. Русија ќе продолжи политички и економски да ја поддржува Северна Кореја, вклучувајќи го залагањето за меѓукорејските инфраструктурни проекти, додека се спротивставува и ги заобиколува американските санкции против Пјонгјанг. На Блискиот Исток, Русија и натаму воено ќе го поддржува сирискиот претседател Башар ал Асад и ќе ги зајакне врските со Иран за да има предност пред САД.