Русија ја зголеми борбената подготвеност на црноморската флота, во очекување одмазднички напади против сириската војска, по наводниот напад со хемиско оружје во градот Дума. „Вашингтон пост“ пренесе дека во текот на наредните денови втор американски разурнувач ќе пристигне во Средоземно Море
Американски воени бродови се упатиле кон Сирија по наводниот напад со хемиско оружје во градот Дума. Западот ги обвини силите лојални на претседателот Башар ал-Асад дека стојат зад нападот, во кој, според непотврдени информации, се убиени најмалку 40 лица. Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека на располагање се повеќе воени опции, како одговор за инцидентот. Од друга страна, Русија ја зголеми борбената подготвеност на црноморската флота, во очекување одмазднички напади против сириската војска. Кремљ јасно порача дека остро ќе одговори на евентуални напади и понуди помош во истрагата за инцидентот, пренесуваат светските медиуми. „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори од Пентагон, пишува дека во текот на наредните денови втор американски разурнувач ќе пристигне во Средоземно Море.
– САД веќе имаат еден разурнувач со крстосувачки ракети, бродот „Доналд Кук“, во источен Медитеран, каде што би можел да учествува во евентуален напад на Сирија. Вториот брод, разурнувачот „Портер“, би можел да пристигне за неколку дена – наведува американскиот весник. Информациите за движењето на американските бродови следуваат откако Трамп завчера го осуди нападот во Дума, нарекувајќи го „гнасен“, и предупреди дека потенцијалниот одговор ќе го објави во „следните 24-48 часа“.
– Имаме многу воени опции на располагање и ќе ве известиме наскоро. Не можеме да дозволиме вакви злосторства. Ќе донесеме некои големи одлуки во следните 24-48 часа – порача шефот на Белата куќа Руската армија во исто време соопшти дека не открила хемиски напад во Дума. Министерството за одбрана на Русија наведе дека лекари на руската армија ги испитувале пациентите во болница во Дума и дека не откриле симптоми на труење со хемиско оружје. Во меѓувреме, некои медиуми јавија дека е зголемена борбената подготвеност на руската црноморска флота на највисоко ниво. Бившиот шведски премиер Карл Билт објави на Твитер дека воздушната одбрана на руската флота во Црно Море добила предупредување за напад.
Предупредувањето за напад е издадено по информациите дека воени бродови на коалициските сили за Сирија, предводени од САД, Британија и од Франција, се упатиле кон сириските води. За тоа дека е сѐ поизвесен нападот врз Сирија говори и информацијата дека сириската војска и нивните сојузнички милитантни групи се во состојба на зголемена готовност на целата територија. Сирискиот центар за мониторинг на човековите права соопшти дека сириската армија почнала и со евакуација на некои позиции, кои се проценуваат како можни целите на евентуалните напади.
– Сириската армија е во целосна борбена готовност на сите аеродроми, поважни позиции во главниот град Дамаск и неговата околина, во Хомс, како и во крајбрежните региони на Латакија и Тартус – изјави директорот на центарот, Рами Абдел Рахман. Активисти на центарот од источната сириска провинција Деир ал Зур тврдат дека виделе припадници на владините сили како вршат евакуација на главните контролни пунктови. Од друга страна, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оцени дека ставот на САД и другите земји за наводно користење хемиско оружје во Сирија не е конструктивен. Песков нагласи дека Москва не се откажала од дипломатските напори во врска со ситуацијата во Сирија. Русија исто така покани експерти на Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) да го истражат наводниот инцидент во Дума.
– Русија е подготвена да помогне во текот на оваа недела да организира посета на експерти на ОПЦВ на местото на кое наводно бил извршен напад со отровен гас во Сирија – изјави членот на Комитетот за одбрана на рускиот совет на федерацијата, Евгениј Серебреников. Според Серебреников, Русија нема трпение да чека ОПЦВ „конечно да почне да ја извршува работата за која е создадена“.
Претходно, Белата куќа ја обвини Русија дека не ја почитува обврската што ја презела, оти ќе ѝ стави крај на сириската програма за хемиско оружје. Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс, изјави дека нападот во Дума е во согласност со шемата за користење хемиско оружје што ја воспоставил претседателот на Сирија, како и дека Русија и Иран, исто така, имаат одговорност за материјална помош на Владата во Дамаск. – Сега е јасно оти Русија ги предаде обврските дека ќе го гарантира крајот на сириската програма за хемиско оружје на сирискиот режим – порача Сандерс.
Москва пред еден месец предупреди за лажен хемиски напад
Шефот на рускиот генералштаб Валери Герамисов на 13 март изјави дека Москва има разузнавачки податоци оти бунтовниците во Источна Гута подготвуваат лажен хемиски напад во областа, пренесува РТ. – САД би можеле да го искористат лажниот напад како повод за напад врз владините делови во Дамаск – предупреди Герасимов. Силите лојални на сирискиот претседател Башер ал-Асад се товарат дека стојат зад нападот со хемиско оружје во Дума, во кој наводно се убиени над 40 лица. Дума е последниот град во областа Источна Гута што е под контрола на бунтовниците, а сириската војска во петокот почна жестоки напади, во кои животот го загубија десетици луѓе.