Популистичката партија е за излегување на Германија од ЕУ, но нејзините барања не го одразуваат расположението кај гласачите. Поумерените партии со задоволство ги дочекаа нејзините радикални позиции во обид да ги привлечат гласачите во пресрет на изборите на национално и на европско ниво
Дали германските популисти потајно се вљубени во Европа? Политичкиот врв во Берлин скришно се радуваше на одлуката на ултрадесничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) за дегзит, односно за излегување на Германија од ЕУ ако Унијата не спроведе радикални реформи. АФД сака ЕУ да им ги врати повеќето ингеренции на земјите-членки за да се врати „Европа на татковините“, а како што еден партиски лидер порача, ЕУ да се претвори во трговски блок. Партијата ги нагласи своите барања за Германија да го отфрли еврото и исто така сака да се укине Европскиот парламент, кој го смета за недемократски.
Во иницијативата одобрена на неодамнешниот партиски конгрес се вели дека „таа сака излез на Германија од ЕУ или постепена дезинтеграција на блокот како важна последна опција доколку предлозите за суштински реформи не се реализираат во соодветна временска рамка во постојниот систем на ЕУ“.
Ова е добра вест за владејачките партии на Германија, кои сакаа да ја претстават АФД како радикална партија што ќе ја извади Германија од ЕУ. Манфред Вебер, главниот кандидат на Европската народна партија за европските избори, кој во изборната кампања ја нарече АФД „германската брегзитовска партија“, брзо реагира на иницијативата на партијата.
Тој изјави дека „со АФД ќе претстават услови за Германија како оние во Британија“. Причината поради која Вебер и другите владејачки партии се оптимисти е дека ЕУ е екстремно популарна во Германија со тоа што околу 80 отсто од гласачите имаат позитивен став, според анкети на „Евробарометар“.
Повеќето Германци ги знаат огромните економски придобивки од членството во ЕУ што ги ужива нивната држава и малкумина сакаат таа да ја напушти. Всушност, покрај миграциските и актуелните тензии за владеењето на правото во некои држави, рејтингот на ЕУ на континентот е на највисоко ниво во изминатите 35 години. Ваквата поддршка натера некои популистички партии, вклучувајќи ги и австриската Партија за слобода и француската Национално единство, да ја ублажат нивната антиевропска реторика и повеќе да се насочат на апелите за „реформи“ во блокот.
За АФД, која започна како антиевропска партија пред да се претвори во антидоселеничка, се покажа како особено тешко водењето на иницијативата за дегзит. Повеќето од поддржувачите на партијата чувствуваат силна огорченост кон ЕУ, која најтврдокорните симпатизери на АФД ја сметаат за „наднационална“ намера за одземање на националниот суверенитет на Германија.
Проблемот е во тоа што не станува збор за наратив со кој се согласува гласачкото тело на другите партии, кое инаку може да се согласува со другите аспекти од политичката програма на партијата. Всушност, тоа нив и ги плаши.
Јерг Форбриг, политички аналитичар во германскиот Маршалов фонд на САД, вели дека клучното прашање е дали ваквата радикална програма ќе ја спречи партијата да заземе поумерени позиции како внатрешно, така и надворешно.
На ова прашање партијата мора наскоро да даде одговор. Бидејќи европските избори ќе се одржат во мај, а годинава се закажани и повеќе регионални избори, лидерството на АФД сака да покаже дека може да се потпре на речиси 13 отсто од гласачката поддршка што ја освои на парламентарните избори во 2017 година. За да го постигне ова, АФД треба да ја добие поддршката на конзервативните гласачи, кои обично гласаат за маргинални партии.
Партиските лидери успеаја да ја ослабат европската иницијатива на последниот партиски состанок. Во оригиналниот текст беше даден рок до 2024 година за ЕУ да ги прифати барањата на партијата. Дури и по ревизиите, конечната верзија сè уште ја не ја вбројува партија меѓу водечките во Германија во однос на европската политика. Европската дебата на АФД се води среде зголемените тензии околу партискиот курс и сигналите на поделби. Андре Погенбург, истакнат лидер на АФД во сојузната држава Саксонија-Анхалт, ја напушти партијата за да формира ново десничарско движење наречено „Бран на германски патриоти“.
Според Погенбург, АФД стана премногу конформистичка. Неговото заминување е резултат на усвојувањето поумерени елементи во изминатите години, вклучувајќи ја поранешната партиска лидерка Фрауке Петри, која во бес си замина во 2017 година за да формира сопствена партија. Иако дезертерите не успеаја да добијат голема политичка поддршка, сепак превирањата не ѝ помогнаа многу на АФД. Политичките набљудувачи велат дека последните борби за власт можат да сигнализираат за подлабоки проблеми во партијата отколку што се мислеше. Со тоа што Ангела Меркел, која е непожелна личност за АФД, се подготвува да ја напушти политичката сцена и со смирувањето на бегалската криза, се намали важноста на прашањата што ги задоволуваа народните барања што го поттикнаа подемот на партијата. Иако АФД постојано го одржува рејтингот од 12 до 15 отсто во анкетите, овие бројки беа мошне стабилни во изминатата година.
Покрај европските избори, АФД ќе се соочи и со три регионални избори закажани за наесен во Источна Германија, која е бастион на партијата и каде што треба да добие значителна поддршка.
Како што покажа партиската дебата за Европа, одржувањето на рамнотежата со радикално десничарски пораки, кои се прифатени на истокот со попрагматичната реторика, која успева кај конзервативците во другиот дел од државата би можело да предизвика конфузија.
Со притисоците во последен момент да се избегне порадикална формулација на партискиот став за ЕУ, партискиот лидер Александар Гауланд во обраќањето на последниот партиски состанок побара од делегатите да не одат многу далеку. Тој исто така порача дека кој и да си игра со идејата за дегзит треба да се запраша дали станува збор за утопија или треба да се реални и притоа додаде дека неговата партија треба да прифати „разумни и умерени политики“.
Иако делегатите обрнаа внимание на неговата желба и ја прифатија поумерената верзија, сепак иницијативата поттикна многу повеќе прашања отколку што одговори. Покрај укинувањето на Европскиот парламент, партиската иницијатива исто така побара да му се одземат овластувањата на Европскиот суд на правдата и да се трансформира во „арбитражен суд“. Но последниот збор за излезот на Германија од ЕУ треба да го има „народот“. Само не е јасно како тоа ќе се одвива со оглед на тоа што германскиот устав не дозволува одржување референдуми.
Станува збор за такви замрсени пораки за кои водечките партии, особено демохристијаните на Меркел, кои претрпеа големи загуби од АФД, се надеваат дека гласачите ќе ги свртат против популистите. Главното прашање на кое АФД ќе мора да даде одговор на претстојната кампања е зошто гласачите треба да гласаат на европски избори за кандидати, кои сакаат да го укинат телото за кое се борат да членуваат. Форбриг вели дека „стратегијата за Европа на АФД изгледа како главна цел, а прашањето е како ќе постапат другите партии во однос на неа“.