Маркетите даваат биоразградливи ќеси, кои, сепак, се пластифицирани Фото: Игор Бансколиев

Белград, по моделот на Германија, по Нова година ги забранува пластичните ќеси. Според новите регулативи, Европската Унија до 2021 година ќе ги забрани производите од пластика за еднократна употреба, како што се пластичните сламки, виљушки, ножеви, како и другите производи од пластика

Секојдневно при купувањето разни намирници граѓаните користат биоразградливи ќеси. Но и тие сепак се пластични, иако имаат способност побрзо да се разградуваат од пластичните. Некои од еколошките организации тврдат дека користењето на овие ќеси исто така придонесува за загадување на околината. Токму поради овие причини, европските држави и многу други во светот прават напори за целосно укинување на употребата на пластичните ќеси.

Обичните пластични ќесиња кај нас се користеа до 2013 година, а потоа, поради промени во законската регулатива, стана задолжителна употребата на биоразградливите. Таа регулатива сѐ уште важи и доколку не се почитуваат правилата за стандардите на биоразградливост, се предвидува глоба од 3.000 евра, како за производителот, така и за трговецот. Сите маркети и продавници, не сакајќи финансиски да си наштетат, го почитуваат ова законско решение и ги користат биоразградливите ќеси. Но некои еколошки здруженија тврдат дека биоразградливите ќеси не се вистински разградливи. Тие воопшто не се разликуваат од пластичните по нивниот состав, единствената разлика се биоадитивите.

– Според повеќето истражувања, за да се разградат пластичните ќесиња се потребни околу 200 години. Биоразградливите се разградуваат за пократок временски период, но, пак, станува збор за пластика. Материјалот што се користи кај нашите биоразградливи ќесиња теоретски ги исполнува условите за разградливост како што е дефинирано во стандардите, ама ќесата треба да е изложена на сонце за да се распаѓа – велат од здружението „Екосвест“.

Слични податоци наведува истражувањето од универзитетот „Плимонт“, кое ја истражува разградливоста на биоразградливите ќеси. Истражувачите од универзитетот ја испитувале деградацијата на пет биоразградливи ќеси во Велика Британија. Ќесите биле изложени на разни влијанија, едни од нив биле потопени во вода, други напластени со ѓубре. Студијата покажала дека биоразградливите пластични ќеси сè уште се способни да носат целосен товар откако биле изложени во природата на надворешни услови во рок од три години. Професорот по морска биологија Ричард Томсон за „Јуроњуз“ вели дека биоразградливите пластични ќеси едноставно не се разградливи во некое скоро време во природна средина.

Од „Екосвест“ исто така додаваат дека, и да имаат услови да се разградат, биоразградливите ќеси се разградуваат во помала или таканаречена микропластика, која, сепак, останува во природата долго време.

– Овие ќеси во природата не се разградуваат туку само се распаѓаат на помали парчиња, кои потешко се забележуваат. Поради илјадниците „биоразградливи“ ќеси што се користат, депониите се еден од најголемите загадувачи на воздухот и почвата. Затоа мора да се размислува на рециклирање на пластиката, а не на производство на нова – велат од „Екосвест“.

Истражувањата на „Сајентифик Америка“ покажуваат дека во рибите од океаните и морињата е најдена микропластика. Исто така овие мали парчиња пластика се апсорбираат во почвата и воздухот, што претставува закана за здравјето на животните и луѓето. Со сите случувања во светот, поимот еколошка свест почнува да добива друга димензија. Негрижата за природата придонесува за низа негативни ефекти, кои ги гледаме и преку глобалното затоплување. Истото тоа се случува и со недоволната грижа за селектирањето и рециклирањето на отпадот. Дали и кај нас може да се продолжи иницијативата за укинување на пластичните ќеси, не добивме одговор ниту од Министерство за животна средина и просторно планирање, ниту, пак, од градот Скопје.

Но од еколошките здруженија апелираат дека треба да се преземе нешто, затоа што пополека процесот станува иреверзибилен. Еколошката свест веќе не претставува луксуз, туку потреба. Поради овие причини, Германија од 2016-та воведе закон со кој се наплаќа користењето пластични ќеси. Според податоците од германското министерство за животна средина, од 2016 до 2019 година има пад од 64 отсто во употребата на пластични ќеси. Германија сака да продолжи со овој тренд и целосно да ги укине пластичните ќеси за да ги достигне европските регулативи. Според новите регулативи, Европската Унија до 2021 година ќе ги забрани производите од пластика за еднократна употреба, како што се пластичните сламки, виљушки, ножеви, како и другите производи од пластика. На оваа иницијатива се приклучува и локалната власт на Белград. Горан Весиќ, заменик-градоначалник на Белград, објави во медиумите дека од 1 јануари следната година ќе ги забрани пластичните ќеси и тие нема да смеат да се нудат во малопродажните објекти. Формалната одлука ќе биде донесена на седница на Собранието на градот Белград до крајот на месецов.


Повратни машини за пластични шишиња и лименки

„Пакомак“, со помош на Фондот за иновации и технолошки развој, ќе почне да поставува повратни машини за пластични шишиња и лименки. На овој начин се воведува светскиот тренд на рециклирањето и во Македонија. Целта на поставувањето на повратните вендинг-машини (ПВМ) е да се мотивираат граѓаните што поефикасно и побрзо да се вклучат во процесот на селективно одложување отпад. Со самото учество во процесот на одлагање на пластичните шишиња, ќе бидат соодветно наградени со таканаречени зелени поени, кои ќе може да ги користат за плаќање производи и јавни услуги (на пр. комунални такси, билети за јавен превоз, паркинг и сл.). Планот на „Пакомак“ е да постави машини во неколку општини низ земјата, а понатамошниот план опфаќа поставување машини на целата територија на државата. Првиот прототип се очекува во првата половина на 2020 година. Проектот е наменет за сите граѓани, без разлика на возраста и социјалниот статус, а и системот на награди е приспособен за сите групи во општеството. Принципот на кој би работеле ПМВ е следениот: со одложувањето на пластично шише во машината се добиваат зелените поени. Со добиените поени, на пример, ќе може да се дополнува електронската картичка за јавниот превоз. Она што започна како експеримент во 70-тите години на минатиот век во Норвешка, денес е многу успешен глобален проект, кој на едноставен начин ја одржува нашата планета почиста, истовремено поттикнувајќи ги луѓето да рециклираат отпад.