Автограм и, можеби, дрес од омилениот спортист се некои од вообичаените сувенири за спортските вљубеници. Но шведскиот фудбалски клуб АИК сега има нова понуда – ДНК од капитенот на тимот, Нилс-Ерик Јохансон, јави Би-би-си. Понудата е веќе објавена, па заинтересираните можат за 307 фунти да добијат кристализирана ДНК од Јохансон (38), кој годинава се пензионира поради здравствени причини. Генетскиот материјал од капитенот се продава во специјална епрувета, со рок на траење од 500 години.
– Сево ова е како Јурасик парк. За 500 години можеби ќе има многу Јохансони што ќе трчаат наоколу, којзнае – вели Јохансон, поранешен фудбалер на Баерн, Блекбурн и Лестер.
Тој потврдува дека технички може да биде клониран, но дел од ДНК е отстранет за да се спречи „незаконско однесување“.
– Тоа не сум 100 отсто јас, туку 99 отсто. Тој еден процент е многу важен за мојата сигурност и го заштитува моето право на ДНК. Нема да можете да ја ставите мојата ДНК на место на злосторство, затоа што нема целосно да се совпаѓа – вели Јохансон, а потоа се пошегува: – Ако ме клонирате, веројатно ќе излезе деснак, наместо левучар.
Покрај епруветата, во комплетот доаѓа и капитенската лента со ликот на Јохансон на неа, како и сертификат за автентичност. Според Би-би-си, поранешниот тапанар на „Моторхед“, Мики Ди го направил истиот потег, а Јохансон наводно е првиот спортист што ја продава својата ДНК како сувенир.
– Кога првпат ми беше понудено да го направам ова бев изненаден, помислив дека е застрашувачки, зарем технологијата отишла толку далеку. Но забавно е да се поместуваат границите, да видиме дали ќе им се допадне ова на симпатизерите. Реакциите главно беа позитивни – вели Јохансон за Би-би-си.
АИК во продажба пуштил 371 епрувета, по една за секој меч што го одигра Јохансон за клубот. Дел од заработката ќе биде наменет за хуманитарни цели, а Јохансон вели дека било тешко „да се стави цена на ДНК и на себе“.