Многу го сакам трчањето дури и кога е екстремно тешко, живеам за ова што го правам. Тренирам многу напорно, константно и последниве две години целосно сум насочена кон трчањето, вели Поп Арсова, која неодамна во Подгорица стана првата Македонка што истрчала маратон побрзо од три часа (2:59,33)

За речиси шест месеци, од мај до ноември, Адријана Поп Арсова (28) трипати го собори македонскиот рекорд во маратон (трка на 42 километри и 195 метри), во најтешката дисциплина, и влезе во аналите на македонската атлетика. Во мај, на Скопскиот маратон таа забележа рекордно време од 3:05,04 часа, во почетокот на октомври во Ајндховен, Холандија тоа време го подобри за повеќе од четири минути (истрча за 3:00,37 часа), а минатата недела во Подгорица, Црна Гора, ја проби „магичната“ граница од три часа, постигнувајќи време од 2:59,43.
Згора на тоа, лани во октомври на маратонот во Загреб, Хрватска, прв во нејзината кариера, таа, исто така, трчаше во време на нов државен рекорд (3:07,27 часа). Вкупно на четирите маратонски трки во кариерата Поп Арсова постави четири државни рекорди!

– Моите добри резултати годинава се должат на повеќегодишната напорна работа, на големиот труд, дисциплината, целосното вложување и во силната мотивација. За најголем успех досега го сметам тоа што сум првата Македонка што истрчала маратон побрзо од три часа. Маратонот е исклучително напорна дисциплина, како за телото, така и за умот. Тој бара целосно фокусирање во текот на целата трка. За мене најтешкиот дел почнува по 30 км. Тогаш се бодрам и се мотивирам со помислата дека имам многу вложено во себе, тоа ме турка напред, ме влече желбата да истрчам добро време. Многу го сакам трчањето дури и кога е екстремно тешко, живеам за ова што го правам. Тренирам многу напорно, константно и последниве две години целосно сум насочена кон трчањето на долги патеки, од пет километри, па до маратон – вели Поп Арсова, која е членка во атлетскиот клуб Делта од Скопје.

Поп Арсова посериозно почнала да се занимава со атлетика во 2013 година, кога сосема случајно, како што вели, пробала на подолгите делници и ѝ се допаднало. Атлетското „деби“ ѝ било на државното првенство во полумаратон во 2013 година, кога го освоила третото место. Оттогаш сѐ станало посериозно. По неколку помали паузи првиот маратон го истрча во 2017-та во Загреб.

– Тренирам сама, во Скопје, на кејот покрај Вардар. Во текот на неделата тренинзите варираат, од лесни истрчувања до понапорни брзински, вклучувајќи ги и тежинските, за снага. Напорно е, бидејќи сама си ги организирам и си ги дозирам тренинзите, учам секојдневно, барам на Интернет сѐ што може да ми користи околу подготовките и, ете, туркам некако. Тренинзите се истоштувачки, па затоа храната треба да биде разновидна, треба да се јаде многу овошје, зеленчук, да се консумираат и многу течности. Обично два часа пред тренинг јадам лесен оброк, богат со јаглехидрати, а по тренинзите протеини и јаглехидрати, кои се неопходно за што побргу да закрепнат мускулите – вели Поп Арсова.

Таа планира да продолжи со исто темпо, да напредува чекор по чекор и да го подобрува времето.

– Имам амбициозни планови за следната 2019 година, ќе видам што и како ќе се реализира, некои работи не зависат само од мене. Посакувам здравјето да ме служи, другото ќе си дојде само по себе. Во атлетиката нема импровизации, резултатите се производ на долгогодишна работа, многу вложен труд. Потребни се многу трпение, време, финансии, одрекувања и посебен ментален склоп за да се успее. Македонија има атлетски таленти, но повеќето бргу се откажуваат, бидејќи немаат поголема поддршка, пред сѐ, финансиска од институциите. А јасно е, колку се вложува толку и се добива на крајот. Спонзорите главно се насочени кон колективните спортови. Тоа го гледаат младите и затоа се демотивираат. Се надевам дека некои работи наскоро ќе се променат на подобро, во спротивно атлетиката во Македонија и понатаму ќе остане на дното во балкански и во европски рамки – вели Поп Арсова, додавајќи оти меѓу маратонците посебно го почитува светскиот рекордер Кениецот Елиуд Кипчоге поради скромноста, внатрешната сила, позитивната енергија што ја емитува и поради целосната посветеност на атлетиката.


Релаксирање со изработување накит

Адријана Поп Арсова е психолог според формалното образование, моментно невработена, по потекло е од Виница, со место на живеење во Скопје. Најголемиот дел од времето таа го троши на трчањето, а кога е слободна се одмора правејќи накит?
– Станува збор за креативната изработка на накит, ѓердани, обетки, нараквици и други предмети. На тој начин се одморам, се опуштам, тоа многу ме релаксира. Ги сакам и уживам во прошетките со пријателите на најразлични места, често гледам и филмови, главно ги правам истите работи како и повеќето млади луѓе, ништо посебно – вели Поп Арсова.


Поп Арсова е гордоста на македонската атлетика

Адријана Поп Арсова е вистински пример за македонска спортска хероина, која верувам ќе продолжи да ги поместува своите граници и ќе поставува нови рекорди. Ја красат скромноста и победничкиот менталитет, таа е гордоста на македонската атлетика. Маратонот е најтешката дисциплина, потребна е натчовечка сила за да се издржат тие 42 километри и разбирливи беа нејзините солзи радосници на целта по уривањето на фамозната граница од три часа. Среќен сум што бев дел од историската трка на Поп Арсова во Подгорица и што на некој начин, со советите и со бодрењето, придонесов за тој нејзин успех. Битно е да се истакне дека во Подгорица таа трчаше две недели по маратонот во Ајндховен. За такво нешто потребни се храброст, лудост-младост, максимална психофизичка подготвеност и огромна самодоверба. Јас и понатаму ќе ѝ помагам колку што можам, но најбитното е тоа што таа има големи амбиции и што не се задоволува со постигнатото, вели Игор Јакимовски, атлетски тренер.