Во текот на сиве овие месеци од потпишувањето на спогодбата во Нивици, колку што е интензивна поддршката на договорот од страна на високите функционери на ЕУ, НАТО и на САД, во нивната реторика неизбежно се поентира со укажувањето дека ова е „последна шанса“ за Македонија
Се чини дека на повидок нема најави за релаксирање на општествениот амбиент на поларизираност во Македонија, создаден или можеби само надграден, по промовирањето на спогодбата од Мала Преспа во Нивици, на 17 јуни, оваа година. Таквата напрегнатост од поделбите во однос на пакетот одредби содржан во спогодбата, со кој Македонија треба да направи низа отстапки кон Грција во поглед на своето именување, право на самоопределување и на националниот идентитет, воопшто не попушти ниту по одржаниот референдум на 30 септември. Имено, на референдумот граѓаните требаше да се изјаснат за прифаќање на спогодбата во име на членството во ЕУ и во НАТО. Со оглед на фактот дека Собранието го распиша референдумот како консултативен, а оваа седмица во македонскиот парламент се води расправа за пристапување кон уставни промени, на која е очигледно дека пратениците на опозицијата се под отворен притисок за обезбедување двотретинско мнозинство за да се одржи во живот спроведувањето на обврските од спогодбата, очекувањата се дека денеска ќе се спроведе и гласањето во македонскиот парламент за тоа дали ќе се пристапи кон уставни промени, по што ќе се знае дали ќе продолжи собраниската процедура или ќе се оди на брзи предвремени парламентарни избори.
Во текот на сиве овие месеци од потпишувањето на спогодбата во Нивици, колку што е интензивна поддршката на договорот од страна на високите функционери на ЕУ, НАТО и на САД, како и на европските лидери, во нивната реторика неизбежно се поентира со укажувањето дека ова е „последна шанса“ за Македонија. Варијациите во искажувањето на поддршката добиваат градација од укажување во предупредување – дека колку и да не им се допаѓа договорот на Македонците, што го искажаа со неизлегување на референдумот, подобар никогаш не можат да добијат… И дека ако Македонците сакаат да добијат шанса за надеж за членство во ЕУ и во НАТО, едноставно мора да биде прифатена и спроведена спогодбата. Како што наближува моментот за изјаснување на пратениците за потребата од уставни измени, предупредувањата на меѓународните поддржувачи се претвораат во посочување виновник за последиците од неприфаќањето на спогодбата.
Таквата поддршка со предупредување од меѓународната заедница, речиси веднаш станува предмет на интерпретации во македонската политичка јавност, а толкувањата се движат од нивно сфаќање како добронамерни сугестии, до дипломатски искажани закани. Некои политички аналитичари во таквите изјави на поддршка (за спогодбата) и разочараност (од доминантното неприфаќање на спогодбата од страна на македонските граѓани) на странските политичари препознаваат дури и можност за некаков вид санкции (споменувањето на последици) врз Македонија ако не бидат спроведени одредбите од договорот со Грција. Се претпоставува дека тоа казнување би било запирање на евроатлантските интегративни процеси, кои драматично се нарекуваат дури и изолација на земјата од меѓународната заедница.
– Довербата кај Македонците во истурените играчи на меѓународната политика, особено од Европа, е сериозно нарушена. Долгиот период на неконзистентен пристап во комуникацијата со македонската јавност и граѓанство, постојаното понижување на меѓународната сцена и дома кај нас со користење на термините „вашата земја“, „вашиот народ“ и непристојното избегнување да нѐ наречат – Македонци, македонска нација, Македонија… си го стори своето. Вториот момент е употребата на различни критериуми во пристапот кон актуелните актери во спорот околу уставното име – кон Грција од една страна и кон Македонија, од другата. Во 2008 година кога Грција флагрантно, дрско и безобразно го погази својот потпис на спогодбата со Македонија и брутално ја прекрши, истите тие меѓународни претставници и челници на моќните држави во Европа, се однесоа кон таквиот нелегален чин на Грција со премолчување, без ниту збор на осуда или критички осврт на таквиот непримерен однос во меѓународните релации. Тие го премолчеа таквиот факт, си ги наведнаа главите и нѐ оставија на цедило, без ниту еден збор на поддршка или охрабрување.
Единствено САД ни подаде рака и го пополни вакуумот со Декларација за стратегиско партнерство и билатерални релации со Македонија. Оттука, јавно прашувам, со каков кредибилитет сега тие се дрзнуваат да вршат дипломатски мобинг врз Македонија и македонскиот народ, погазувајќи ја суверената волја на мнозинството Македонци да бидат против ваквата недостоинствена спогодба со Грција? Кој им дава право да ѝ се обраќаат на македонската јавност, на лидерството на опозицијата, нам, на Македонците кога дури и во овие траурни обраќања повторно не сакаат ниту да спомнат македонска нација, Македонија? Од каде таа дрскост дека само ние мора да попуштиме, само ние мора сѐ да прифатиме што тие ќе ни наметнат? Зошто некој би си зел за право, од позиција на моќ да диктира јавно понижување на меѓународната сцена? Еден од базичните принципи во решавањето на конфликтите во меѓународните односи е да не ги ставате базичните фактори, елементи и компоненти што креираат конфликт, под тепих, мислејќи притоа дека истите тие сте ги решиле. Единствено само, соочување со клучните компоненти што довеле до состојбата на конфликт, храбро соочување со нив и балансиран и рамномерен пристап кон потрагата за компромис и решение на одржливи основи е правецот по кој требаше да се движи меѓународната заедница. А не вака, како сега? Со притисоци, уцени, закани и други назадни политики – вели професорот по политички науки, Љупчо Ристовски.
Сепак, напрегнатоста на политичкиот амбиент во кој сега живее Македонија, придонесува за изјави и толкувања, кои во апсолутни крајности ја преципираат перспективата. Дали навистина Европската Унија, која е создадена на темелите на демократијата и почитување на правото на самоопределување на народите, може да си дозволи изолација на една земја како казна за неприфаќање на еден договор од страна на граѓаните?
– Заканите што доаѓаат од Брисел и од Вашингтон, како и од Берлин и од други центри, дека или ќе прифатиме капитулација или ќе следуваат казни за Македонија, претставуваат безобразлук, силеџиство и крајно нецивилизирано однесување. Македонија мора да ги издржи овие бури, бидејќи на никој начин не смее да се прифати бришењето на македонскиот народ. А измислиците дека ако не капитулираме, ќе следуваат последици, слободно можат да се фрлат во Вардар. Нема никаква основа, ниту мотив да се спроведуваат какви било санкции против Македонија за неприфаќање на еден договор што ни е наметнат. Тоа би бил невиден срам за меѓународната заедница. Прашањето за Македонците е да се биде или не, и секој што не се однесува соодветно на тоа, носи тешка историска одговорност – размислува поранешниот дипломат Ристо Никовски.
Во врска со претпоставките дека последиците за Македонија би биле запирање (или ставено на долго чекање) на процесот на преговори за членство во ЕУ, доколку не се спроведе спогодбата од Мала Преспа, Никовски смета дека тој процес е секако долгорочен и неизвесен.
– Моменталната позиција на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ е дека не добивме никаков датум за почеток на преговори за членство. Но суштината на е во тоа, и ако уште утре почнеме да преговараме, Македонија нема да влезе во ЕУ до 2030 година. Што е уште позагрижувачки, сите овие полуотворени прашања од спогодбата од Мала Преспа, ќе бидат ставени на маса во преговорите за членство во ЕУ. Дури и да биде прифатен и спроведен спогодбата меѓу Македонија и Грција, прашањата што таа ги имплицира нема да бидат затворени. Иако Лисабонската декларација од 1992 година, во која се бара Македонија да се откаже од своето име ако сака да биде признаена подоцна беше повлечена од тогашна Европска заедница (денес Европска унија), оваа спогодба од Мала Преспа претставува своевиден континуитет на нејзиното спроведување – смета Ристо Никовски.
Во врска со тврдењата на политичарите од ЕУ, САД и од НАТО дека спогодбата од Мала Преспа е најдоброто што Македонија можела да го добие и дека подобар договор никогаш нема да има, професорот Љупчо Ристовски смета дека сета вистина воопшто не е во таа спогодба, зашто не ја содржи правдата во себе.
– Концептот „по мене потоп“ беше концепт на еден тоталитарен владетел Луј Четиринаесетти и таквиот концепт пропадна одамна. Притисоците од типот дека ваквата спогодба е единствено можна и доколку таа не се усвои нема подобра да добиеме е во најмала рака неумесно. Од секое добро – има секогаш подобро. Не е сета вистина во оваа спогодба, основно и поради фактот што спогодбата не ја содржи правдата во себеси, ниту пак балансираниот пристап во разрешување на конфликтот. Да, диктатот е производ на реалполитиката, но во услови на капитулација или воен пораз, кој во случајов го немаме. Оттука, бидете ослободени во духот – нема да преземат нешто во насока на некакви санкции или изолација. Нема тоа да се случи. Тоа е несмасен обид и немоќ на јавна сцена да се соочат со својата сопствена глупост – констатира професорот Љупчо Ристовски, експерт по Политички науки, Политички системи, Разрешување на конфликти, Меѓународна и регионална безбедност.