Фото: Маја Јаневска-Илиева

Какви се позициите на Македонија пред јунскиот самит на Унијата, ќе има ли напредок во евроинтеграциите или бугарската блокада ќе прерасне во официјален став на Брисел? Домашни и странски аналитичари имаат интересни согледувања во однос на сите дилеми околу бугарското вето и проширувањето на Унијата

Надеж или ново разочарување на патот кон ЕУ

Во пресрет на јунскиот самит на Европската Унија и очекувањата за деблокирање на евроинтеграциите на Македонија, во јавноста и кај политичарите се измешани чувствата за можниот исчекор, но истовремено расте и стравувањето дека доколку во јуни земјава не ги започне пристапните преговори бугарската блокада ќе остане на подолг рок, па дури бугарските барања да станат и позиции на ЕУ. Несомнено, сето тоа дополнително ќе влијае на ново заладување на односите меѓу двете земји, кои изминатиот период малку се затоплија откако претседателите на двете држави, Стево Пендаровски и Румен Радев, заеднички патуваа на чествувањето на сесловенските просветители Кирил и Методиј во Рим, неодамна се сретнаа министрите за култура, а најавена е и средба на премиерите за време на донацијата на вакцини што треба Бугарија да ја направи за Македонија.
Од друга страна, во Бугарија сѐ уште има структури што цврсто стојат на позициите на бугарското вето и блокадата на Македонија.
– Склоноста на привремениот премиер да направи отстапки по ова прашање е веќе видлива. Ваквото однесување го демонстрира, наводно, непоколебливиот бугарски претседател по ова прашање. Но тие мора да бидат свесни дека ако дозволат сега да започнат преговори за РСМ за ЕУ и дури размислат да направат чекор назад од нашата позиција, тоа би било еднакво на национално предавство. Непростливо национално предавство – реагира бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој смета дека Бугарија не смее да дозволи никакви отстапки за Македонија во сегашниот период.
Поранешниот евроамбасадор во земјава и добар познавач на состојбите во регионот Ерван Фуере, во анализата за македонско-бугарските односи изработена за Центарот за европски политички студии, еден од највлијателните аналитички центри во Брисел, наведува дека ако нема напредок во јуни, тогаш позицијата на Македонија ќе стане уште посложена.

– Она што посебно загрижува е дека ако нема напредок и Бугарија го задржи своето вето, автоматски бугарската позиција станува ЕУ-позиција, создавајќи дури полош преседан од оној со спорот за името помеѓу Грција и Северна Македонија – предупредува Фуере.
Според него, другите земји-членки на ЕУ не вложиле доволно напор за да ја разубедат бугарската страна.
– Со техничка влада сега во Бугарија и со нови избори закажани за 11 јули се чини дека има многу малку надеж за напредок навреме за состанокот на Европскиот совет на 22 јуни – наведува Фуере во анализата.
Тој уште додава дека Бугарија ја држи во заложништво политиката на проширување на ЕУ и ги поткопува принципите и условите за зачленување во Унијата, истовремено предупредувајќи дека вовлекувањето на идентитетските прашања би можело скапо да ја чини ЕУ.
Некои од домашните аналитичари сметаат дека Бугарија нема лесно да се откаже од своите позиции, кои се зацементирани со меморандумот и декларацијата усвоена во парламентот и дека едноставно е тешко да се предвиди што ќе се случи до јунскиот самит.
– Во овој период цело време гледаме различни изјави од страна на бугарските политичари, но не очекувам некаква промена на бугарската позиција. Има судир на цврсти факти од кои кој било политичар во Бугарија тешко ќе се откаже и нема да ги почитува меморандумот и декларацијата усвоени во тамошниот парламент. Треба чудо да се случи, да се најде некакво решение што би подразбирало Бугарија да даде зелено светло за отпочнување на пристапните преговори за Македонија, истовремено да ги задржи позициите на парламентот – вели Љупчо Арсовски, дипломат од кариера.
Тој додава дека не е голем оптимист дека работите би можеле да се променат на подобро за нас до јунскиот самит.

– Јас не сум голем оптимист дека на јунскиот самит може нешто да се направи, особено што имаше една идеја, која, веројатно, сè уште не е во оптек, а е зачната од грчкиот премиер Мицотакис за време на неговата неодамнешна посета на Словенија. Тој повторно се заложи за навраќање на заклучоците од солунската агенда и предлага некаде во ноември, за време на претседателството на Словенија, да се одржи вонреден самит на ЕУ само за Западен Балкан. Јас сметам дека решение за проблемот со Бугарија ќе се изнајде за време на претседавањето на Словенија, што би произлегло токму од тој вонреден самит. Тоа би било подобро бидејќи ние би биле рамноправен дел од играта, а вака сме дел од играта во која треба да попуштиме околу нешто – нагласува Арсовски.
Според него, јунскиот самит би можел да биде и некаква замка за Македонија бидејќи освен Хрватска, ниту една друга земја не изразила отворена поддршка за земјава во спорот со Бугарија.
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека ако бугарската блокада продолжи на подолг рок, тоа би можело да влијае меѓународниот притисок повеќе да се сврти врз нас.
– Во моментот не е така. Во моментот бугарските позиции не ги дели ниту една членка на ЕУ, но не знаеме што ќе се случи ако таа блокада остане подолго време. Во моментот поголем дел на притисокот е врз Бугарија, но ако продолжи блокирањето тогаш притисокот ќе стане еднаков, за на крајот тој притисок да се сврти само врз нас – вели Арсовски.

Ниту тој не е голем оптимист дека Бугарија до јунскиот самит би можела да отстапи од цврстите позиции.
– И покрај помеките односно попријателски тонови меѓу Софија и Скопје, суштината на проблемот сè уште не е решена, односно Бугарија останува на својата, ние на својата рамковна позиција и во моментот тие сè уште немаат најдено пресек, односно нема најдено една позиција што е прифатлива за двете страни. Охрабрува ова што изгледа дека дијалогот се откочува и дека нешто тече, притисокот на меѓународната заедница исто така е фактор што ќе го забрза тој процес, но мислам дека е рано да се отвора шампањско – истакнува Арсовски.
Според него, едноставно е невозможно да се предвиди што ќе се случи до јунскиот самит бидејќи процесот е во тек.
– Ние не знаеме дали овој месец Бугарија ќе се согласи да ги одвои билатералниот од евроинтегративниот процес. Засега има индиции дека се подготвени да разговараат. Различна е реториката што доаѓа од Бугарија сега од онаа што доаѓаше претходно, но основните проблеми визави позицијата и мандатот на техничката влада остануваат. Невозможно е да се предвиди што ќе се случи бидејќи процесот тече – појаснува Арсовски.
Тој уште додава дека ако не се стигне до јуни, следната шанса реално е по парламентарните избори во Бугарија, а пред претседателските избори во таа земја и потоа во декември, а ако тоа не се случи дотогаш, ќе биде уште потешко следната година.


Македонија секој јуни и декември чека датум

Самитот на Европската Унија, на кој треба да се расправа за започнување на пристапните преговори со Македонија и со Албанија е закажан за 22 јуни, до кога тече времето за засилена дипломатска активност за надминување на бугарската блокада.
Идејата само Албанија да ги почне преговорите беше отфрлена од повеќе европски држави, особено од Германија, која инсистира двете земји да одат во пакет.
Неодамна и Португалија како земја-претседавач со Унијата презентираше во Скопје и во Софија предлог како да се надмине блокадата, кој од страна на бугарските политичари беше отфрлен, додека од наша страна беше оценет како добра основа за договор.
Доколку Скопје и Софија во меѓувреме успеат да изнајдат некакво решение, тогаш португалското претседателство би можело да ја закаже првата меѓувладина конференција во периодот од 22 до 30 јуни.
Од 1 јули претседавањето со Унијата го презема Словенија, а следен самит на кој би можела да се најде точка за проширување би се одржал во декември.