Јавното сообраќајно претпријатие долгорочно ќе се задолжува кон меѓународна кредитна институција за да набави нови автобуси за јавниот градски превоз. Вкупниот износ на задолжување е 10.000.000 евра, а каматната стапка е шестмесечен EURIBOR плус 1 отсто маржа со грејс-период од три години. Рокот на отплата е 7 години, без вклучен грејс-период. Во врска со ова одлучил и управниот одбор на претпријатието, а предлог-одлуката вчера се најде на дневен ред на седницата на градскиот совет. По два и пол часа дискусии дали е оправдано или неоправдано ова задолжување, одлуката беше изгласана.
Со донесената одлука се издава гаранцијата за долгорочно задолжување на ЈСП Скопје кон меѓународна кредитна институција и условите на задолжување под кои таа се издава. Во врска со тоа, пак, градот Скопје безусловно и неотповикливо се обврзува и ги гарантира сите плаќања на ЈСП што ќе произлезат од договорот за заем склучен врз основа на одлуката за долгорочно задолжување на ЈСП. Во предлог-одлуката се наведените и условите под кои ќе се реализира задолжувањето, за кое е потребно да се добие државна гаранција. Во согласност со Законот за јавен долг, јавните претпријатија основани од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје може долгорочно да се задолжуваат по претходно добиена согласност од страна на Министерството за финансии.