Со изборот на претставник на Стопанската комора на Северна Македонија како генерален секретар на една од трите најзначајна регионални институции, Комората добива огромно признание за сите свои активности на регионален план
Татјана Штерјова Душковска, директорка на Дирекцијата на здруженија и регионални комори во Стопанската комора на Северна Македонија, од неодамна е избрана за нов генерален секретар на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум (КИФ). Штерјова Душковска е д-р на правни науки, вработена во Стопанската комора од 2011 година, која едногласно е избрана да биде втор човек во асоцијација на шесте национални комори од регионот на Западен Балкан. КИФ е институција основана во 2015 година, во рамките на Берлинскиот процес, за време на вториот самит во Виена, и претставува глас на приватниот сектор, застапувајќи 350.000 компании од Западен Балкан.
Со изборот на претставник на Стопанската комора на Северна Македонија како генерален секретар на една од трите најзначајна регионални институции, Комората добива огромно признание за сите свои активности на регионален план, во пресрет на 100-годишнината од постоењето.
Отстранување на проблемите што ги мачат компаниите од Западен Балкан преку формирање на заедничкиот регионален пазар е еден од клучните интереси на Коморскиот инвестициски форум (КИФ). Со воспоставувањето на заедничкиот пазар, КИФ тежнее кон подобрување на работата на компаниите преку намалување на трошоците, поедноставувања на прекуграничното работење, но и заедничко освојување нови пазари. Токму на овие теми разговаравме со генералната секретарка на КИФ.
– Долги колони на граничните премини со кои дневно се губат стотици часови, непризнавање на сертификатите и друга извозна документација, неусогласени работни часови на граничните инспекциски служби или практичните проблеми при испраќање работници во некоја од другите држави од регионот (регулирањето на престојот, дозволите за работа или признавањето на квалификациите). Поради овие проблеми компаниите полесно соработуваат со партнери оддалечени над 3.000 километри, отколку со компании од соседна држава, оддалечени помалку од 500 километри. Застоите и зголемените трошоци што ги носат дополнителните процедури го прават нивното работење неефикасно, нивните производи неконкурентни на глобалните пазари, а многу често и ги обесхрабруваат да се одлучат за извоз – објаснува Татјана Штерјова Душковска, новата генерална секретарка на КИФ.
Според неа, заедничкиот регионален пазар ги поставува основите за отстранување на овие проблеми. Документот, како што објаснува Штерјова Душковска, се фокусира на потребата за компаниите од шесте држави на Западен Балкан да се обезбеди заеднички пазар, заснован на правилата и стандардите на ЕУ, за зголемување на атрактивноста и конкурентноста на регионот и за негово приближување до пазарите на ЕУ. Штерјова Душковска дополнува дека со него ќе се придонесе за слободно движење на лица, стоки, услуги и капитал, но и засилена соработка во областите на дигитализацијата, инвестициите, иновациите и индустријата.
– Клучниот интерес на КИФ е овој процес да резултира со конкретни подобрувања во работењето на компаниите, што ќе значи намалување на трошоците, поедноставување на прекуграничното работење во сите аспекти, но и заедничко освојување на пазарите во трети земји. Намалените бариери ќе значат зголемена доверба, отворени врати за поголема соработка, повеќе заеднички потфати и проекти. Пандемијата покажа дека ако има волја, многу брзо може да се надминат проблеми што стоеле со децении. Таков успешен пример беше воведувањето на „зелените коридори“ во Западен Балкан на почетокот на пандемијата минатата година, кои беа директен одговор на затворањето на границите. За релативно краток период, воспоставувањето на „зелените коридори“ обезбеди непречено снабдување со неопходните добра и електронска размена на информациите помеѓу царинските управи пред пристигнувањето, а тој успешен модел за брзо време ќе биде проширен и кон граничните премини кон ЕУ – објаснува генералната секретарка на КИФ.
Вториот аспект на кој ќе биде насочено работењето на КИФ е мониторингот на напредокот во спроведувањето на акцискиот план за заедничкиот регионален пазар, процес во кој е вклучен Бизнис-советот на Форумот, кој го сочинуваат стопанственици од 16 водечки компании од Западен Балкан, од различни производствени и услужни сектори. Штерјова Душковска објаснува дека врз основа на мерливи критериуми, Бизнис-советот ќе го следи напредокот на планираните активности во Акцискиот план и редовно ќе ги информира владите на Западен Балкан, како и ЕУ, за состојбата на теренот, давајќи конкретни предлози и сугестии за елиминирање на бариерите, за намалување на трошоците и за олеснување на условите за водење бизнис во регионот и во Унијата.
Уште еден значаен сегмент од работата на КИФ е скратување на синџирите на снабдување преку пренасочување на производствените погони поблиску до Европа, или ниаршоринг (Nearshoring). За овој сегмент, генералната секретарка на КИФ појаснува дека е во завршна фаза студијата што ја подготвуваат во соработка со Асоцијацијата на германските комори за трговија и индустрија (DIHK), која треба да ги сумира потенцијалите на регионот како инвестициска дестинација. КИФ ја администрира и инвестициската платформа www.investinsee.com, која на потенцијалите инвеститори во која било од државите во регионот им обезбедува одговори на прашања за макроекономските показатели, правната рамка, пазарот, финансиските и други стимулации во државите од Западен Балкан.
– Пандемијата и проблемите што се појавија во синџирите на снабдување изминатата година, како и потребата за оптимизација на трошоците и намалување на ризиците, на европските пазари ги отворија и дискусиите за ниаршоринг, односно можностите за скратување на синџирите на снабдување преку пренасочување на производствените погони некаде поблиску до Европа, што секако во фокусот го поставува регионот на Западен Балкан – објаснува Штерјова Душковска.
Таа исто така посочи оти се изработува датабаза што ќе ги сумира клучните информации за условите неопходни за секоја компанија што сака да влезе со своите производи или услуги на некој пазар, но и за вмрежување на компаниите. Датабазата ќе содржи и мапирање на доставувачите од регионот од автомобилската индустрија, прехранбената индустрија и лесната преработувачка индустрија, за нивно полесно вклучување во регионалните синџири на снабдување. Штерјова Душковска посочи дека преку техничка помош, ќе се работи на унапредување на дигитализацијата и на обезбедување поддршка за пристап до финансии, ќе се вклучуваат во тренинзи и обуки за пристап до пазарите на ЕУ, а истовремено ќе се организираат активности за нивно вмрежување.
КИФ е асоцијација на шест национални комори од Западен Балкан: Стопанската комора на Северна Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешнотрговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово. Целта е да се интензивира регионалната економска соработка и да се поведуваат заеднички активности. Од 2017 година, седиштето на КИФ е во Трст, Италија, а од неодамна е отворена претставничка канцеларија во Подгорица.