Медиумите во Хрватска се осврнуваат на сите досегашни случаи на испорачување хрватски граѓани, а за сите нив е заедничко тоа што своите постапки ги правдале со високи „патриотски цели“
Испорачувањето на сопственикот на „Агрокор“, Ивица Тодориќ, на хрватските судски органи, кој е обвинет за најголемата финансиска афера, предизвика лавина политички реакции. Премиерот Андреј Пленковиќ дипломатски се оградува од овој случај, со повторување на изјавата дека не коментира правосудни постапки, а опозицијата враќањето на Тодориќ во земјата ја искористи за нови напади на Владата за сѐ она што се случуваше во најголемата хрватска компанија. За лидерот на опозицијата, Давор Бернардиќ, името на сопственикот на „Агрокор“ претставува синоним за „ортачки капитализам“.
„Нови лист“ во своето електронско издание се осврнува на сите досегашни случаи на испорачување хрватски граѓани, а за сите нив е заедничко тоа што своите постапки ги правдале со патриотски цели. Последното испорачување на Тодориќ потсетува на настаните од пред седум години, кога на Хрватска ѝ беше испорачан поранешниот премиер Иво Санадер. По 222 дена бегство во Австрија, Санадер заврши во затворот во Реметинац и се соочи со сериозните обвинувања за сторени финансиски малверзации во својот премиерски мандат.
Испорачувањето на Тодориќ и на Санадер, всушност, најдобро ја објаснува сликата за Хрватска, се забележува во текстот на „Нови лист“. Хрватска како земја-кандидат за членство во Европската Унија побара испорачување на својот најпопуларен премиер, кој на оваа функција е избиран во два последователни мандата. Во случајот со Тодориќ, станува збор за претприемач, кој во своите раце имаше 15 отсто од домашната економија и кој цело време имаше повластена позиција во односите со медиумите и државните институции.
Хрватска од Австрија бараше да ѝ биде испорачан и генералот Владимир Загорец, додека од грчките власти инсистираше на испорачување на Хрвоје Петрач. Нивните случаи се поврзани, затоа што Петрач се бараше за грабнување на малолетниот син на Загорец. Петрач беше осуден од хрватските судови на шест години затвор. Медиумите потсетуваат на „честитката“ до премиерот Санадер за „неговото политичко самоубиство“. На повтореното судење беа изнесени нови факти, според кои Хрватска подоцна побара испорачување на генералот Загорец, кој според обвинувањата на Петрач, од шефот на Министерството за одбрана зел дијаманти. Загорец подоцна е осуден на седум години затвор.
Апсењето на генералот Анте Готовина во 2005 година, по неколкугодишно криење, беше следено со големо внимание во медиумите во Хрватска. Тој во 2000 година одби да го прими обвинението од судот во Хаг и оттогаш е во бегство. Готовина беше уапсен од шпанската полиција во 2005 година кога пристигна на Тенерифе. Во Хаг беше испорачан два дена подоцна, а во затвор помина седум години. Кон крајот на 2012 година беше правосилно ослободен од сите обвиненија. Сега е успешен претприемач и советник на министерот за одбрана на Хрватска.