Хипхопот како глобален тренд и популарна култура е присутен во највисоките академски средини. Во многу земји хипхоп-културата се изучува на највисоко академско ниво, обработувајќи најразлични аспекти: поврзаноста со религијата, социологијата, филозофијата, политиката, револуцијата, моралот и етиката, феминизмот и родот… Почнувајќи од денеска, на страниците на ЛИК секоја среда ќе објавуваме серија текстови од оваа проблематика
Славчо Ковиловски
Годинава се навршуваат 40 години од првата хипхоп-песна „Rappers Delight“ од групата „Шугархил генг“. Почнувајќи од 1979 година, хипхопот како култура, не само како музика, постепено се развива, за денес да стане доминантна поп или меинстрим-култура, со која секојдневно се соочуваме и ја гледаме околу нас. Од графитите, модата, танцот, преку телевизијата, киното и музиката, па до говорот и јазикот, односно начинот на изразување, хипхопот денес е глобален тренд, израснат во големите урбани средини.
Она што на почетокот беше андерграунд, поткултура израсната во гетото и наменета само за одредена популација, кон крајот на 1990-тите години прерасна во поп-култура. Тоа се случи со преголемата експлоатација на рап-музиката од страна на медиумските магнати, кои ја увидоа можноста за поголем профит со пакување и продажба на овој производ како стил, односно начин на живот. Притоа, хипхопот не се задржа само на музиката и рапувањето, на начинот на облекување или на начинот на јазично изразување (говорот), туку силно продре и во највисоките академски кругови. Само колку за пример, познатата енциклопедија „Британика“ му оддаде голем простор на хипхопот како култура, слично како „Оксфордскиот речник“ и речникот „Меријам-Вебстер“, кои на хипхопот му оддадоа признание за влијание во англискиот јазик. Повеќе универзитети, факултети и други институции во своите наставни планови ја изучуваат хипхоп-културата од најразлични аспекти: поврзаноста со религијата, социологијата, филозофијата, политиката, револуцијата, моралот и етиката, феминизмот и родот итн. На овие теми пишуваат тези и есеи студенти, постдипломци и доктори на науки низ светот, во Бразил, Шведска, Германија, Полска, Јапонија, Австралија, САД, Украина, а поминаа речиси петнаесет години откако и во нашата земја се случија дипломски и магистерски трудови за хипхоп-културата. Во меѓувреме беа објавени првите книги и студии за хипхопот на македонски јазик, а се одржаа и првите предавања за оваа култура во различни културни установи, средни училишта и високообразовни и културни центри (МАНУ, Филозофски факултет, Институт за македонска литература).
Притоа, најчесто се поставуваат прашања од типот што се случува кога едно андерграунд-движење испловува на површината, дали тоа испловување има позитивни или негативни последици за движењето, дали излезе на површината како дел од масовната култура и дали е сменето нешто во неговата идеологија од времето кога се појави. Денес хипхопот ја надрасна улицата (но не ја напушти), се префрли во бизнисот, па дури и во највисоките академски средини.
Накратко, хипхоп-културата е интернационален фактор на зближување, во социологијата позната како култура на младите.
Трибина
Во рамките на „Годината на хипхопот“, Институтот за македонска литература организира трибина насловена „Хипхоп-култура (40 години уметнички перформанс)“ денеска, во 11 часот, во просториите на Институтот, на која ќе учествуваат: Маја Јакимовска-Тошиќ со воведно обраќање, Антоанела Петковска, Славчо Ковилоски, Ристо Солунчев, Дејан Методијески, Вангел Ноневски и Александар Ковилоски. Гости се повеќе македонски хипхопери од сите генерации.