Секој од нас, а тука влегуваат и писателите, постојано ги пишува своите приказни од животот. Од друга страна, верувам дека никој од нас (дури и оние со робинзоновски карактери) не може да егзистира без слушање и соучествување во приказните на другите. Љубопитството, разговорливоста, па и куртоазијата, ни овозможуваат, во еден вечерен муабет, покрај брегот на Црно Море, со чаша бело домашно вино од Добруџа, да заживееме, како декамеронските јунаци, во светот на паралелните реалности, да се препознаеме, низ изненадување и смеа, во т.н. „туѓи“ животи. Ваквите разговори се и една од причините зошто читаме, оти понекогаш приказната од реалноста и напишаниот порасказ од книгата ги разграничува само тенката линија на прераскажувањето.
Приказнава е чуена од повозрасен писател од некогашните југословенски простори, кој во 1948-та бил прваче. На почетокот на неговата читанка стоеле две фотографии – на другарот Тито и на другарот Сталин.
Еден ден, во училницата, со својот вообичаен решителен чекор, влегува учителката и со вообичаено заповеднички тон им се обраќа на учениците: „Другари пионери, отворете ги читанките. Таака! А сега ископајте му ги, со моливот, очите на другарот Сталин. Таака!“
Учениците, веќе истренирани да слушаат, се даваат на работа. Но на нашиот раскажувач мустаклијата Сталин му станал некако симпатичен. Не му одело некако да му ги копа очите, и стискајќи го моливот, се направил дека божемски ја исполнува наредбата, а всушност нешто чкртал. И сѐ би било во ред ако учителката не почнела да ги проверува читанките. Оттаму, сѐ тргнало со голема брзина: вџашеноста и гневот на учителката, спроведувањето кај директорот, директорот наредува итно да се повика родителот, а родителот (таткото) итно е испратен кај надлежните на блиски консултации.
Се вратил таткото по два дена, некако изменет и подуен, го повикал синот и му кажал ем тивко, ем строго: „Од денес сине, те молам, слушај ја учителката… и прави сѐ што ќе ти каже“.
Тука се надоврзува унгарскиот писател: „А знаете ли дека еден наш политичар, еден од вечните, од Кадар до Орбан, се вика – Сталин!“
„А еден од нашите најнаградувани поети – се вмешува Литванецот – Вилен!“
Се погледнуваме зачудени: „Па кратенка. Од Владимир Илич Ленин. ВИлен!“