Матијас де Лихт

Атлетико наводно е подготвен да плати 126 милиони евра за Португалецот Жоао Феликс од Бенфика, а Јувентус е пред финализирање на трансферот на Матијас де Лихт од Ајакс за 70 милиони евра (двајцата имаат по 19 години)

Атлетико понудил 126 милиони евра за Португалецот Жоао Феликс, младиот 19-годишен фудбалер на Бенфика, објави лисабонскиот клуб, кој најверојатно ќе ја прифати оваа сума, со оглед на фактот дека откупната клаузула на Феликс изнесува 120 милиони евра. Но постои можност Бенфика и да ја одбие таа понуда, со оглед дека Атлетико би плаќал на рати.

Феликс, кого го споредуваат со Кристијано Роналдо, би требало да биде замена за францускиот интернационалец Антоан Гризман, кој си заминува од Атлетико. Сезонава Феликс блескаше во португалското првенство постигнувајќи 15 гола, плус девет асистенции, на 26 натпревари.

– По традиција, Атлетико купува млади талентирани фудбалери и работи на нивниот развој. Таков беше случајот со Јан Облак, Хозе Хименез, Лукас Хернандез, па и со Гризман – изјави тренерот на Атлетико, Диего Симеоне.

Како што тргнале работите, летниот преоден рок ќе биде во знакот на скапите трансфери на фудбалери тинејџери. Покрај Феликс, во фокусот на вниманието е центархалфот и капитен на Ајакс, 19-годишниот Матијас де Лихт кој најверојатно ќе биде новиот член на Јувентус, кој како обесштетување на Ајакс наводно ќе му плати 70 милиони евра. Според италијанските медиуми, Де Лихт во следните пет години ќе заработува годишно по 12 милиони евра. За услугите на Де Лихт биле заинтересирани Барселона, англиските премиерлигаши Манчестер јунајтед и Манчестер сити.

Младите фудбалери се сѐ побарани на фудбалскиот пазар, како поради потенцијалот и можноста на нив да се заработи од следниот трансфер, така и поради маркетиншката вредност. Најскап фудбалер тинејџер останува Французинот Килијан Мбапе, за кого ПСЖ лани на Монако му плати 135 милиони евра (според „Трансфермаркт“), плус педесетина милиони во разни бонуси.

На листата најскапи светски фудбалери на возраст до 20 години следуваат Осман Дембеле, кој пред две години од Борусија Дортмунд помина во Барселона за 125 милиони евра. Пред четири години Рахим Стерлинг од Ливерпул се пресели во Манчестер сити за 63,7 милиони евра. Потоа следуваат Бразилецот Лукас Моура (сега играч на Тотенхем), кој во 2013-та, на 19 години, направи трансфер од Сао Паоло во ПСЖ, за 40 милиони евра. Своевремено, во 2004-та, за тогаш 19-годишниот Вејн Руни, Манчестер јунајтед на Евертон му исплати 37 милиони евра. За еден од најголемите таленти на времето, Аргентинецот Хавиер Савиола (имаше 19 години), кого го сметаа и за наследник на Диего Марадона, Барселона на Ривер Плата во 2001-та ѝ плати 35,9 милиони евра. Речиси исто толку пари Реал му плати на Арсенал за Никола Анелка (тогаш на 20-годишна возраст) во 1999-та. 


Џејдон Санчо се проценува на 143 милиони евра?

Процената на вредноста на младите фудбалери воопшто не е лесна работа, но Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС), според неколку критериуми (клуб, позиција во тимот, возраст, договор итн.), направи листа на моментно најскапите играчи (до 20 години) во петте најсилни европски лиги (Англија, Шпанија, Италија Германија и Франција). Најмногу чини младиот англиски интернационалец, играчот на Борусија Дортмунд, Џејдон Санчо (19), кој се проценува на 143 милиони евра. Потоа, од втората до 10-та позиција, се Французинот Матео Гендузи од Арсенал (20), со 67 милиони евра; Италијанецот Николо Заниоло (19) од Рома со 66,3; Германецот Каи Хавертц (19) од Баер со 63,3; Англичанецот Деклан Рајс од Вест Хем (20) со 60; Италијанецот Џанлуиџи Донарума (20), голманот на Милан, со 55,8; Бразилецот Винишиус Јуниор (18), напаѓачот на Реал, со 54; Холанѓанецот Џастин Клајверт (20), кој настапува за Рома, со 42,5; францускиот интернационалец Еван Н’Дика (19), џентархалфот на Ајнтрахт, со 41,3 милион; колку и бекот на Фулам, Рајан Сасењон (18).