Унгарската влада, која важи за една од најголемите критичари на имиграциската политика на Европската Унија, ги отвори вратите за стотици бегалци од кризата во Венецуела

Стотици бегалци од кризата во Венецуела најдоа прибежиште во Унгарија, што за многумина е вистинско изненадување, ако се земе предвид фактот дека унгарската влада е позната по својот непријателски став кон имиграцијата и азилантите. Околу 350 Венецуелци веќе пристигнаа во државата и тоа со авионски карти што ги плати унгарската влада. Уште 750 лица се наоѓаат на листата за чекање во Каракас, а уште многумина ќе следуваат. Но за да можат да аплицираат на листата тие треба да докажат дека имаат унгарско потекло, без разлика на тоа колку е далечно. Унгарската влада тврди дека тие се вистински Унгарци што се враќаат дома, иако малкумина од нив навистина се родени во Унгарија, а камоли да зборуваат унгарски јазик, пренесува Би-би-си.

Повеќето од Венецуелците со унгарско потекло емигрирале во јужноамериканската држава во два брана. Првиот, по Втората светска војна, вклучувал многу лица поврзани со режимот на Миклош Хорти, кој беше на страната на нацистичка Германија. Некои од нив биле вклучени и во депортацијата на унгарските Евреи во нацистичките логори на смртта.

Многу поразлична група, од околу 400 лица, следуваше по неуспешната револуција во 1956 година, вклучувајќи и лица што се бореа против советската армија на барикадите во Будимпешта.

Заедницата оттогаш се зголеми на неколку илјади лица. Многумина млади Венецуелци, без никакво унгарско потекло, беа привлечени од живописниот културен живот на заедницата во Каракас, вклучувајќи ги и танцувачките групи. Но само откако ситуацијата бргу се влоши во 2017 година, кога гладот беше проследен со насилство, организаторите на заедницата се обратија за помош до унгарската влада. Првите 350 лица што пристигнаа, беа дарежливо пречекани, со организирани курсеви по јазик, како и сместување и интеграција во првите 12 месеци.

Иронијата е тоа што програмата е дело на интерминистерскиот тим од владата на партијата Фидеш, која остро се противи на имиграцијата во изминатите четири години. Националистичкиот премиер Виктор Орбан целосно ја фокусира својата кампања за изборите за Европарламентот во мај против имиграцијата во Европската Унија.

Кампањата е преполна со билборди и реклами во весниците, кои се критикувани од ЕУ дека ја извртуваат вистината и оти имаат цел да прикажат мрачна слика на таен заговор за зголемување на миграцијата кон Европа. Унгарската влада во 2016 и 2017 година укина поголем дел од програмите за интеграција. Во првите девет месеци од 2018 година, само 94 лица добија азил во Унгарија. На други 290 лица им беше одобрена пониска форма на заштитен статус.

– Владата јасно ни стави до знаење дека ќе биде тешко да комуницираме, поради нејзината хистерична антиимигрантска кампања. Тие инсистираат на зборот „репатријација“, но тоа беше лабаво применувано на почетокот. Сега условите се многу построги – вели еден Венецуелците, кој веќе пристигнал во Унгарија.
Тој истакнува дека на почетокот било тешко да се убеди унгарската влада за тоа колку е лоша ситуацијата во Венецуела.

– Не станавме бегалци лесно. Особено оние од нас што беа бегалци од Унгарија на почетокот. Знаевме дека можеби ќе ги загубиме работните места, домовите, сѐ што имавме во Венецуела – додава Венецуелецот, кој побара да остане анонимен.
Авионските билети, па дури и транспортот до аеродром, биле организирани преку унгарската амбасада во Екватор и Унгарската малтешка хуманитарна служба. Првите Венецуелци пристигнале уште во април 2018 година и сите ѝ се многу благодарни на унгарската влада поради помошта. Но, според Би-би-си, специфичната антиимигрантска атмосфера што ја одржува владата на Орбан доведе до некои трагикомични сцени. Па, така, кога новодојденците првично биле сместени во туристичкиот комплекс Балатоношод, локалните Унгарци панично се јавувале во полиција, за да се пожалат на „црнци“ на улиците.

– Вистина е дека некои од нас се со многу темен тен. Но, некои од нас се поголеми Унгарци од Унгарците – додава за Би-би-си младиот Венецуелец.
Една година по пристигнувањето, децата веќе течно го зборуваат унгарскиот јазик и добро се интегрирани во нивните локални училишта.

– Тие ја сакаат слободата да можат безбедно да шетаат по улица. Слобода да учат, да се самореализираат тука, да бидат егзотични – вели еден од родителите на венецуелските деца.

Но, повозрасните Венецуелци се загрижени.
– Што ќе правиме кога ќе заврши едната година, и кога ќе заврши хуманитарната помош за нас? Ние немаме право на пензија тука – истакнува за Би-би-си еден повозрасен Венецуелец.

Тоа е само еден од проблемите што унгарското министерство за човечки капацитети се обидува да го реши. Опозициските партии ја обвинуваат Владата за лицемерство, бидејќи прифаќа Венецуелци, а одбива Сиријци, Ирачани или Авганистанци.
Венецуелците стравуваат дека таквите критики може да го ослабат расположението на Владата да дозволи влез на оние што веќе се наоѓаат во редиците за заминување. Тие укажуваат на застој во новите пристигнувања, бидејќи унгарската влада проценува дали актуелната влада во Венецуела ќе преживее.


„Критичарите на Европската народна партија се корисни идиоти“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги нарече корисни идиоти оние што бараат исклучување на неговата партија Фидеш од Европската народна партија (ЕПП) и додаде дека нивните напори им користат само на интересите на левицата. Според него, нападите доаѓаат „од левата страна“ за да се ослабне ЕПП.
– Кога нема да сме тука повеќе, на ред ќе дојдат Италијанците, а потоа и Австријците. Ова се нарекува салама-тактика – порача Орбан.
Коментарите на Орбан следуваат по лобирањата на неколку партии што ѝ припаѓаат на ЕПП во Европскиот парламент за суспензија на Фидеш или негово исклучување поради зголемена антисемитска и антиевропска реторика.


Орбан: Кризата со бегалците може да се повтори со уште поголема сила

Унгарскиот премиер Виктор Орбан предупреди дека бегалската криза во Европа може да се повтори со уште поголема сила и дека миграциските прашања треба да се решаваат не од Европската комисија, туку од ново тело составено од министрите за внатрешни работи.
– Сè што видовме од 2015 година повторно ќе се случи со поголема сила. Постои несогласување меѓу властите на Унгарија и на Германија за миграциските прашања. Заладувањето во политичките односи се појави единствено поради миграцијата. Ние инсистираме на правото за самоодбрана на секоја нација, Германците следат друга филозофија – порача Орбан.
Тој смета дека треба по моделот на Еврогрупата да се создаде совет на министрите за внатрешни работи на земјите што немаат гранична контрола.
– Министрите за внатрешни работи на земјите од шенген-зоната мора да создадат силно тело, во кое релевантните прашања можат да се решаваат, како што го прават тоа експертите, а не политичарите – додаде Орбан.