Младинскиот културен центар распишува повик за избор на 20 авторски цртежи, кои ќе се реализираат во рамките на проектот „Градот убав“. Повикот е отворен за домашнитe ликовни уметници и автори од полето на уличната и графити-уметност. Повикот како и апликацијата за учество може да се најдат на веб-страницатаwww.mkc.mk.
Идејата е во рамките на еден од најзначајните објекти од современо Скопје – објектот на Градскиот трговски центар, да се интегрира првата галерија на отворено, посветена на уличната уметност и на графити-културата. „Градот убав“ е темата со која ќе почне овој уникатен културен проект. Целта на оваа интервенција е да им се даде простор на домашните автори да реализираат дело посветено на Скопје, кое оваа година одбележува 55 години од обновата по катастрофалниот земјотрес од 1963 година.
Покрај промоцијата на домашните уметници пред јавноста, со оваа интервенција ќе му се даде дополнителна функција на овој архитектонски атрактивен простор. Настанот ќе се реализира на 15 и 16 јуни, а на 17 јуни ќе има официјално отворање на галеријата. Локацијата на настанот е автобуската станица во состав на ГТЦ, на потпорниот ѕид во кој ќе бидат формирани 20 полиња за работа. Иницијатор на овој настан е архитектот и уметник Филип Конески, а организатори се МКЦ, градот Скопје и ГТЦ.