Турција е на четвртото место според приливот на странски инвестиции во вредност од 50 милиони евра
Црногорското приморје во последните две години е нова топ-дестинација за трговците од Турција. Податоците на даночната управа на Црна Гора покажуваат дека во 2017 година биле отворени 435 стопански друштва од турски државјани, а лани дури 1.545. Отворањето фирми во ЦГ ја доведе Турција на четвртото место според приливот на странски инвестиции во вредност од 50 милиони евра.
Новинарска екипа на „Аваз“ направи репортажа од Котор, Будва и од Херцег Нови, во кои речиси нема улица во која нема дуќан со турски производи. Најмногу се продаваат предмети изработени во Турција: ламби, бижутерија, керамички садови, кожена галантерија, килими и парфеми.
Во Котор постои цела улица со турски продавници, а се јавуваат и проблеми околу преземањето на купувачите.
– Големиот прилив на трговци од Турција, според нивните изјави, се должи на бегството од режимот во таа земја. Низ светот бараат примамливи места за ширење на својот бизнис – вели еден жител на Котор.
Турските угостители отвориле и голем број ресторани со традиционална турска кујна. На крајбрежјето во Будва, покрај морска храна, може да се нарача и сарма, полнети пиперки, јагнешко печено, баклава…
– Дојдов во Црна Гора пред три месеци, а продавницата ја отворив пред десет дена. Се надевам дека продажбата ќе биде подобра во туристичката сезона. Овој простор го плаќам две илјади евра – изјави Ајдин од Бурса.
Локалните жители во Будва, Котор и Херцег Нови велат дека Турците се чудни кога водат бизнис и не се држат на договореното.
– Се претставуваат како големи трговци, сѐ додека не ви се вовлечат под кожа. Ги сакаат најдобрите дуќани, но кога треба да се плати, ги исклучуваат телефоните или исчезнуваат. Има и добри бизнисмени, кои се придржуваат на условите за изнајмување. Ќе видиме како ќе се одвива соработката во иднина – велат изнајмувачите на деловен простор во Будва.