Борнстин тврди и дека бивш телохранител на Трамп упаднал во неговата ординација за да го земе медицинското досие на претседателот на САД

Кога Харолд Борнстин во 2015 година издаде лекарско уверение за здравствената состојба на тогашниот претседателски кандидат Доналд Трамп, многумина посочија дека напишаното во голема мера потсетува на стилот на изразување на неговиот пациент. Докторот сега тврди дека всушност Трамп сам си дал дијагноза, додека тој само го напишал тоа што му било издиктирано

Кога д-р Харолд Борнстин ја хиперболизираше здравствената состојба на тогашниот претседателски кандидат Доналд Трамп во 2015 година, зборуваше на начин што многу потсетува на стилот на изразување на неговиот пациент. Борнстин сега тврди дека пациентот самиот си го напишал лекарското уверение.
– Тој диктираше што да се напише во писмото, а јас само слушав и пишував – тврди Борнстин за Си-ен-ен.
Изјавата е сосема спротивна на неговиот исказ од пред повеќе од две години кога беше објавено уверението и дава одговор на едно од најинтригантните прашања за последните претседателски избори. Уверението пак го стави ексцентричниот Борнстин во центарот на вниманието на јавноста.

– Тој е неверојатно физички подготвен и енергичен. Доколку Трамп биде избран за претседател, категорично тврдам дека ќе биде најздравата личност што некогаш била избрана за претседател – наведе тој во лекарското уверение што беше објавено за време на кампањата на Трамп во декември 2015 година.
Официјалното писмо не даде многу медицински докази за таквите тврдења, освен состојбата на крвниот притисок од 110/65 што Борнстин го опиша како „изненадувачки одличен“. Во него беше наведено дека Трамп ослабел речиси седум килограми во текот на претходната година и кардиоваскуларното здравје го оцени како „одлично“.
Потоа, како што се зголемуваа прашањата за здравјето на Трамп и на неговата противничка Хилари Клинтон, Борнстин даде попрофесионална процена за висината, тежината и лекарствата на Трамп. Подоцна тој призна дека првото уверение го разгледал накратко затоа што имал многу пациенти за преглед.
– Тогаш набрзина го разгледав затоа што ме чекаа пациенти. Да, јас навистина го напишав уверението – изјави Борнстин во септември 2016 година и инсистираше дека зборовите биле негови.

Борнстин сега повторно е во центарот на медиумското внимание со тврдењата дека Трамп си го пишувал уверението, но и дека поранешниот телохранител на Трамп, Кит Шилер, му упаднал во ординацијата за да го земе медицинското досие на претседателот на САД.
– Уверението е црн хумор, а токму таков хумор сакам. Исто како што во филмот „Фарго“ се користи вистината и се носи во друга насока – изјави тој.
Тој наведе дека Трамп диктирал што да се напише во уверението додека Борнстин и неговата сопруга се возеле низ Централ парк и неговата задача била да одреди што да се отфрли. Потоа уверението го подигнале од неговата ординација.

УПАД ВО ОРДИНАЦИЈАТА

Во февруари 2017 година, високиот помошник од Белата куќа, кој му беше долго време личен телохранител на Трамп, заедно со еден од главните адвокати во организацијата на Трамп и негов трет човек, се појавиле во ординацијата на докторот на Трамп без да се најават и го зеле медицинското досие на претседателот. Инцидентот, кој Борнстин го опишува како „упад“, се случил два дена откако тој изјавил за еден весник дека со години на претседателот му пропишувал лек за раст на коса. Во интервју за Ен-би-си њуз, Борнстин вели дека се почувствувал „злоупотребен, исплашен и разочаран“ кога Кит Шилер и уште еден „крупен човек“ влегле во неговата ординација за да ги земат медицинските документи на претседателот утрото на 3 февруари 2017 година. Тогаш, Шилер, кој долго време работел како телохранител на Трамп, бил директор на операциите во Овалната соба во Белата куќа. Борнстин инцидентот го опиша како „страшен“ и наведе дека „лицата се задржале 25 до 30 минути и направиле огромен неред.

Врамената фотографија од Борнстин и од Трамп, која беше закачена на ѕидот од чекалницата во ординацијата, сега стоеше меѓу стари весници на најгорната полица во ординацијата на Борнстин. Самиот Борнстин побарал да биде тргната од ѕидот.
Тој вели дека не дал никаква дозвола за да се подигнат медицинските досиеја со потпис на претседателот, која е позната како дозвола ХИПАА, што претставува кршење на Законот за заштита на податоците на пациентот. Друго лице запознаено со случајот изјави дека имало писмо адресирано до Борнстин од тогашниот доктор од Белата куќа, Рони Џексон, но нема информации дали имало специјална дозвола.
– Ако Рони Џексон бил новиот доктор на Трамп и ги побарал медицинските досиеја на Трамп, тогаш докторот има обврска да му ги предаде за да продолжи понатамошниот третман, но мора да постои процедура. Никој што не поседува специјалната дозвола нема право да има увид во досиејата на пациентот – изјави медицинскиот експерт на Ен-би-си њуз, д-р Џон Торес.
Правниот аналитичар за Ен-би-си њуз, Дени Севалос, вели дека пациентите генерално си ја знаат медицинската историја, но оригиналното досие е во сопственост на докторот. Според законот на сојузната држава Њујорк, докторот мора да ги чува медицинските досиеја најмалку шест години, па, така, доколку тој ги предаде оригиналните досиеја ризикува да го прекрши законот.

ДОБРОВОЛНО ГИ ПРЕДАЛ ДОСИЕЈАТА?

Борнстин изјави дека биле одземени оригиналниот и единствениот примерок од медицинските извештаи на Трамп, вклучувајќи ги и лабораториските наоди со името на Трамп, како и со псевдонимите што ги користела неговата ординација.
Друго лице, шефот на правната служба од организацијата „Трамп“, Алан Гартнер, бил заедно со Шилер во ординацијата, а Мелиса, сопругата на Борнстин, направила фотокопија од неговата визит-картичка.
Портпаролот на Гартен тврди дека Борнстин „доброволно“ му ги предал медицинските досиеја на Шилер по барање на Белата куќа. Предавањето, кое се случило пред повеќе од една година, било „мирно, срдечно и без никакви проблеми“. Според него, Борнстин пред да ги предаде досиејата бил информиран за причините за ваквото барање и „постапил доброволно“.

Шилер, кој ја напушти Белата куќа во септември 2017 година, одби да ги коментира новите тврдења. На барањето да го коментира инцидентот, портпаролката на Белата куќа, Сара Хакаби Сандерс, порача дека преземањето на медицинските досиеја била „стандардна процедура за новиот претседател“ и дека не било во ред случката да се оцени како „упад“.
– Медицинските досиеја беа доставени до медицинскиот оддел во Белата куќа, како одговор на барањето – изјави Сандерс.
Борнстин вели дека Трамп ја прекинал комуникацијата со него откако тој за „Њујорк тајмс“ изјавил дека претседателот пие „пропеција“, лек што се дава за зголемена простата, но и за стимулирање раст на косата кај мажите. Докторот за весникот изјави дека му пропишал лекови на Трамп за розацеа и за висок холестерол. Во приказната се наведува дека Борнстин на долгогодишната помошничка на Трамп, Рона Граф, ѝ рекол дека „тој треба да биде доктор во Белата куќа“.
Откако статијата беше објавена на 1 февруари 2017 година, Борнстин изјави дека добил телефонски повик од Граф, која му рекла дека „нема шанси да стане доктор во Бела куќа“. Два дена по објавата на статијата, две лица дошле во неговата ординација.

– Не ми се верува дека некој направи голем проблем од еден лек за раст на коса што излезе дека е многу важна. Сигурно не е кршење на медицинската доверба ако се каже дека некој зема „пропеција“ за раст на косата. Што има тука лошо – прашува докторот.
Борнстин порача дека ќе зборува јавно откако ги видел извештаите дека Џексон, кој наводно бил наречен „дилер“ затоа што лесно пропишувал лекови за болка како доктор во Белата куќа, нема да се врати на неговото работно место откако бил предложен да застане на чело на Министерството за воени ветерани.
– Ова е одлична можност за мене – изјави тој.
Џексон негираше дека несоодветно пропишувал лекарства.
Борнстин (70) му беше матичен доктор на Трамп повеќе од 35 години.