Така ги знаев: тета Наца, тета Менка, тета Дитка.
Сите три – благословени вдовици. Слаби како виљушки, бели како брашно: нивните ретуширани грчки профили од врамените фотографии се вратија во негативот.
Најстарата, тета Наца, во својата деведесетта, од прстите глисти ги изникнуваше Шопеновите полонези на раштиманото метално пијано. Средната, тета Менка, ми нудеше, на излупен послужавник, свеж вишнов сок и топли ванилички, посеани со цимет: „Не бој се, синко“, и по секој залак, заплашено потсетуваше: „Добро ли е?“… Кога ќе затоплеше, најмладата, тета Дитка, го изнесуваше телевизорот на западниот балкон, ќе го наместеше во насока на зајдисонцето и наметнувајќи се со ќебе, се впиваше во волшебниот екран. Велеше: „Телевизијата е уште едно мајсторство на итриот собирач Запад. На Исток почнува си – Сонцето, Господ, Писмото, Градот. Но, жештината е пресилна. Се изразува во пожар, во колеж, во гниеж. На Запад, работите се прифаќаат откако ќе го истрошат беснилакот. Потоа се прецизираат и употребуваат“. Пред телевизорот на тета Дитка бев сведок како Југославија станува полуфиналист во Чиле, како го убиваат Џон Фицџералд Кенеди, како Иво Андриќ добива Нобелова награда. Сезнајната ТВ имаше во тета Дитка најубедлив проповедник. „Постои и радио, синко, и весник“ – ќе пропелтечеше тета Менка и веднаш ќе се свиеше пред мојот зачуден поглед: „Сакаш ли, злато мое, слатко од лубеници?“.

Си играв со дрвени, шарени коцки по мекиот, персиски тепих во големата дневна соба. Врз издолжените прозорци – залепена млечна Месечина. Трите тетки на три бидермаер-фотелји – пијат чај. Колку и да се разликуваа физички, тие беа варијанти од едно исто тело. Тој дрзок дарител си ги распоредил органите и особините, втиснувајќи се надмоќно во секоја од нив: на тета Наца срцето и подвижноста, на тета Менка цревата и помирливоста, на тета Дитка нервите и досетливоста.

Биолошкиот татко, прадедо ми Манас, кривоногиот Куман, грабливецот лихварски, премногу груб беше и низок за оној што го замислував во улогата на дарител. Иако, според кажувањата на тетките, пред него на краклињата буквите тревожно им се растрчувале низ устата, на стробјанците им слабееле колениците, а престрашените чираци-сираци со заклани грла чекореле наназад, не можев да замислам дека во овој алчен рисјанин постоел суптилниот фактор „меѓу“. Неговата природа ми се чинеше евтина, неспособна да се подари елегантно и ефикасно во суштествувањето на своите три наследнички. Оној чија фотографија сите три љубоморно ја чуваа: тета Наца на пијаното, тета Менка во кујната, над шпоретот, тета Дитка на телевизорот, врз неделната програма – тој имаше токму такво лице: отмено, благо, а непроникливо – лице на дарителот. Него, чичко им Ѓорѓи, ниту најмрачната ноќ не можеше да го запре да појде во меаната и на час пред мугрите, да се врати дома, следен од банда музиканти и весел лаеж на пците. Ги менуваше белите свилени кошули секој ден, а откако во него се всели неумоливата задушителка – туберкулозата, по три на ден.

Наспроти скржавиот Куман, чии јавачки гени се задржаа само во грабежлукот, приземен во ковчегот преполн златници, со три катанци заклучен, со три синџири закотвен под железната постела, Ѓорѓи постојано имаше отворени прозорци, преполна трпеза и насмеана рака.

Продолжува