Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неуморниот писател за деца Васил Мукаетов неодамна ги израдува своите млади читатели со уште една книга. Негово најново дело е поетската збирка „И да и не“, чиј издавач е „Матица македонска“, а уредник на изданието е Раде Сиљан.

Прекрасните илустрации и овој пат ги изработи Наташа Костова.

– Доделувањето на наградата „Ванчо Николевски“ за книгата „Скокни прескокни“ за 2017 година, во издание на „Просветно дело – Детска радост“, ме обврзува да го продолжам разговорот со децата преку моите песни, напишани во мојот, се надевам, веќе препознатлив стил – ни рече Васил Мукаетов.

Тој е пресреќен и поради тоа што неговата наградена книга „Скокни прескокни“ е вброена во лектирните изданија за учениците од основното образование.
И во новата книга Мукаетов плени со својата леснотија на изразување, ведрина и едукативна нишка, но и со желбата да твори во духот на новото време.

– Овој ракопис се обидува да го фати ритамот на новото дете и тој се гради на еден постојан дијалог, низ конкретни прашања и одговори, од типот: „Што препознавме?“, „Имаш ли три чисти“, „Кој е појак“, „Кој дига прашина“…или низ најчестото и најслатко „Кој го измисли зошто?“. Се гради и низ стари, познати, но и нови поговорки како: „собираат баби и жаби“ и „здравјето нема цена“. Има и песни што се повикуваат на познатите приказни, а други, пак, се обидуваат да дишат во ритамот на денешната технолошка ера – посочува професорката Весна Мојсова-Чепишевска.

Според неа, игривоста на Мукаетов е препознатлива уште во самиот наслов, а се забележува речиси во сите песни поделени во четири циклуси: „Околу и во училишниот двор, децата го имаат главниот збор“, „Вештини се бараат и кога си играат и кога се караат“, „Сешто се случува и во лето и во зима, и за трчање и за лизгање време се има“ и „Си трчал ли лево, десно или право, спортувањето е здраво“.
Со стиховите на Васил Мукаетов полесно и повесело се расте, но се откриваат и многу вистини што се вгнездуваат во секое дете и му помагаат да се осознае себеси, но и светот што го опкружува.

И да и не!

И да и не
кај нас дома,
не се ретки гости.
И кога те прекоруваат
и кога треба да се прости.

Скоро кај сите деца
стопати чуени сказни,
или примери вредни
или палавости разни.

Улогите се поделени:
За некои супер работи,
за други пак скинати и зелени.

Неретко,
кај некои – чинии
полупразни.
Кај други инает
– ни да вкусат.
Некои цел ден со
видеоигри,
други си работат, си учат.

И еве ти ги – ДА и НЕ,
се бара правда,
да се среди сѐ!

Ама!
На НЕ секогаш
сопственик е мама.
Видена правда:
по правило тогаш се страда.

ДА – измислено за баба.
Никако казна не следува,
низ прсти се прогледува.

Па, сега
треба да се види,
кој побрз ќе биди.

Вистината
да не ја сокриваме.
Се знае
за кого ќе навиваме.

Вака е кај нас.
А кај вас?