проф. д-р Кирил Темков
Состојбите во животот често бараат луѓето да им посветат мисли, внимание и ангажман за нивно подобрување. Болестите, тешкотиите, сиромаштвото, страдањата, меѓусебните несогласувања, тешките задачи, големите обврски и должности – сето тоа во човекот ја поттикнува внатрешната сила за да се замисли и сосредоточи во решавање на проблемите.
Исто така и патилата на блиските кај луѓето предизвикуваат желба да им се помогне во справувањето со проблемите. Ваквата побуденост да се направи нешто добро, она што е вистински неопходно, се нарекува грижа. Таа претставува израз на внимание за решавање на проблемите.
Загриженоста е желба да се надминат слабите страни на човековата положба. Со неа човекот го насочува својот поглед кон некое прашање што го мачи. Основното е токму таа ангажираност на душата и умот, за да се дојде до решение.
Многу често грижата измачува и наметнува сериозни обврски, но доколку тие се поделат со најблиските, тогаш грижата е корисен чекор на патот кон доброто.
А на оние што не сакаат да соработуваат, што не сакаат да му помогнат на човекот во неволја, што го отфрлаат повикот за помош, вистинската грижа ќе им дојде кога над нив ќе се надвиснат нерешливи проблеми. Тогаш грижата го покажува најгрдото лице, зашто таквите луѓе нема кој да ги утеши и да им помогне.