Во поголемиот дел од земјава бројките во изминатите две децении бележат континуиран пад и од година на година има сѐ помалку новозапишани првачиња, што е тренд што не го заобиколи ниту кичевско-бродскиот регион, каде што секоја година бројот на првачињата опаѓа по неколку проценти

За тоа каква иднина му претстои на еден регион, најдобар индикатор е бројот на новороденчиња, а следствено на тоа и бројот на првачиња. За жал, во поголемиот дел од земјава бројките во изминатите две децении бележат континуиран пад и од година на година има сѐ помалку новозапишани првачиња. Овој тренд не го заобиколи ниту кичевско-бродскиот регион, каде што секоја година бројот на првачињата опаѓа по неколку проценти.
– Во последните 10-15 години бројот на новозапишани првачиња континуирано опаѓа. Во последните неколку години бројките се сѐ позагрижувачки. Така, само во последните четири години, од 408 запишани првачиња во 2015 година, годинава во нашата општина се запишаа само 340 првачиња, што значи дека за само четири години бројот на првачиња е намален за три одделенија, или номинално бележиме намалување за 68 новозапишани деца.

Ако продолжи иселувањето на младите од нашата општина и во наредниот период, тогаш повеќе од сигурно за десетина години оваа бројка ќе се преполови – вели Сание Садику, одговорна за образование во општината Кичево. Ако во градот намалувањето и не е толку изразено, во селските училишта бројот на првачиња бележи драстичен пад.
– Нашето село е второ по големина во општината. Но засиленото иселување пред сѐ на младите, придонесе бројот на првачиња и ученици во нашето училиште да се сведе на осумдесетина, додека само пред две децении оваа бројка беше десет пати поголема, или во нашето училиште настава посетуваа 800 ученици – објаснува Иса Незири, поранешен наставник во селото Србица, а сега вработен во општината.
Со слични проблеми се соочува и општината Македонски Брод, каде што бројот на новозапишани првачиња од година на година е сѐ помал, а некои рурални средини и целосно се гасат, бидејќи таму повеќе нема ни луѓе, а камоли првачиња.
– Забрзаното иселување на жителите од нашата општина остава длабоки траги врз намалувањето на првачињата. Така, од минатогодишните 57 новозапишани првачиња, годинешната бројка изнесува 50, а за наредните години мораме да бидеме подготвени оваа бројка да биде и помала. Во одреден период беше стопиран падот на бројот на првачињата, што се должеше на многубројните невести од Албанија што тука стапија во брак со локалните младоженци и од овие бракови се изродија доста деца, кои привремено го амортизираа падот, но и нивните деца веќе пораснаа и почнаа да заминуваат, поради што се очекува натамошниот пад на бројот на првачињата – констатира Гоце Стојаноски, директор на ОУ „Свети Климент Охридски“ од Македонски Брод.

Единствена светла точка во изминатиот период во овој регион е општината Пласница, каде што последните години бројот на првачиња бележи мал пораст и од 28 запишани првачиња во 2012 година, лани имаше 33, а годинава дури 42.
– Иако во нашата општина имаме големо иселување на младите, сепак бројот на новозапишани првачиња е во пораст и, по неколку години, летово запишавме дури 42 првачиња. Според наши сознанија, овој пораст се должи пред сѐ на стимулациите што ги добиваат родителите за трето дете од страна на Владата, што, од друга страна, ги мотивира повеќето брачни двојки да се одлучат за трето дете и тоа на крајот се рефлектира и врз бројот на првачињата – истакна Ѓунер Шабаноски, директор на училиштето во општината Пласница, каде што наставата ја следат 430 ученика до деветто одделение.
Но во Крушево бројките се разочарувачки, бидејќи од некогашните четири одделенија со првачиња, годинава во највисокиот град на Балканот се запишаа триесетина првачиња, што е бројка доволна само за едно одделение.

– Не е никаква новина информацијата дека Крушево од месец на месец е сѐ попразно. Младите речиси во целост го напуштија градот и тука останаа само оние што работат во јавниот сектор, угостителството и трговијата. Но карактеристично е и тоа што голем број млади, и покрај работата, сепак планираат да го напуштат Крушево и за подобар живот да заминат во странство или во главниот град – вели Тодор Просеки, просветен работник од овој град.
Според овие податоци, во поголемиот дел од земјава се случува да има сѐ помалку ученици, а сѐ повеќе просветни работници. На оваа проблематика државата треба да поработи и да стави посебен акцент, бидејќи последиците од овие намалувања ќе бидат погубни за земјата, која на долг рок ќе остане без доволно работна сила.