Шпанскиот ракометен гигант Барселона, со 4,7 милиони следбеници на социјалните мрежи е најпопуларниот ракометен клуб меѓу учесниците во ЕХФ-натпреварувањата, додека, пак, Реал Мадрид со 202 милиони обожаватели најмногу е следен меѓу фудбалските клубови
Шпанскиот ракометен гигант Барселона, со 4.709.916 следбеници на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм, е најпопуларниот и најследен ракометен клуб меѓу учесниците во ЕХФ-натпреварувањата, додека, пак, Реал Мадрид со 202 милиони обожаватели е најследен и најпопуларен меѓу фудбалските тимови.
Со 184.273 илјади следачи, актуелниот македонски и европски ракометен првак Вардар е на деветтата позиција меѓу најпопуларните европски тимови, додека, пак, Металург со 87.570 следачи е на 15-то место.
Меѓу 15-те најпопуларни ракометни тимови има пет германски (Кил, Левен, Магдебург, Флензбург и Фуксе Берлин), три француски (ПСЖ, Монпелје и Нант), по два од Унгарија (Веспрем и Сегед) и од Македонија (Вардар и Металург), а по еден од Шпанија (Барселона), Полска (Киелце) и Турција (Бешикташ). Кај фудбалот, пак, најмногу следачи има Реал Мадрид (202 милиони), а зад него се Барселона (190 млн.), Манчестер Јунајтед (114 млн.) и Челси (72 млн.).
За тоа дека бројот на следачи на социјалните мрежи не ја отсликува вистинската популарност на тимовите зборува фактот што германски ракометен клуб Кил, кој има 15 пати помалку следачи од Барселона, ја има распродадено својата сала за сите натпревари уште пред почетокот на сезоната, додека, пак, Барселона не може да се пофали кога последен пат ја наполнила својата сала.
Францускиот репрезентативец Никола Карабатиќ е најпопуларен ракометар на социјалните мрежи, додека португалскиот фудбалер Роналдо е најпопуларниот спортист на планетата. Меѓу кошаркарите води играчот на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс.
Профилот на Карабатиќ на Инстаграм, Фејсбук и Твитер, има 1.213.257 следачи, додека профилите на фудбалската ѕвезда Роналдо 253.580.362 следачи, што доволно говори. Најпопуларниот кошаркар на светот, Леброн Џејмс, пак, има 116.191.976 посетители. Балканската кошаркарска ѕвезда во подем Лука Дончиќ на социјалните мрежи има 3.513.043 следачи.
Најпопуларни ракометни клубови на социјални мрежи
(фејсбук, инстаграм и твитер)
КЛУБ БРОЈ НА СЛЕДАЧИ
1. Барселона 4.709.916
2. ПСЖ 1.388.345
3. Кил 303.182
4. Левен 289.967
5. Киелце 276.733
6. Веспрем 276.733
7. Флензбург 208.678
8. Монпелје 199.974
9. Вардар 184.273
10. Бешикташ 128.828
15. Металург 87.565
16. Загреб 79.583
20. Висла 44.471
30. Горење 16.427