Третонаградено писмо на меѓународниот конкурс на Сојузот на пошти на Македонија „Замисли си дека си писмо што патува по светот“

Здраво, тажни, среќни, горди, вљубени….
Секојдневно патувам… Стареам, но не се предавам, живеам со последниte сили, но во себе чувствувам дека сѐ уште чука срцето на едно младо и полетно писмо исчкртано со првите детски зборови. Сведок сум на многу нешта, поминав низ сѐ и сешто и затоа денес како сведок на едно минато време ви испраќам порака на сите вас.
Бев овде кога имаше војна, напад, бура, земјотрес… Бев разгласник на војна, сведок на многу девојки што лееја солзи по своите сакани, мајки по своите синови, а жените тагуваа по своите мажи. Врз мене се разлеваа врели солзи што го размачкуваа мастилото и сето тоа ми ја кинеше душата, но молчев сѐ до
денес.

Овде бев и во среќните моменти, многу ги сакав, ми недостигаат. Ги споделував успесите, новостите, бев овде да кажам дека наскоро ве очекува принова, веселба, слава… Ќе ви кажев да ја соблечете црната облека од вас и да се облечете во бело. И тогаш ќе ја видев солзата во вашето око, ама сега онаа, исцелителната, која ги лекува сите животни рани. Среќата не е во материјалните богатства, таа е во малите нешта.
Можеби не сум и толку добро Писмо, зашто бев предатор, криев злосторства, криев убиства. Простете ми, само ја вршев мисијата.
Овде бев и кога децата на своите родители им испраќаа писма во кои им соопштуваа дека постигнале успех. А родителите истураа солзи врз мене, кои имаа вкус на гордост.

Бев сведок на најголемите љубови. Кога врз мене пишуваа со крв, но и кога бев освежувано со парфем за спомен, со бакнежи по мене и траги од кармин, кога ставаа цвет од градина скриен во мене, како симбол на голема љубов. Колку ли само љубовни воздишки имама слушнато…

Бев кинато, палено, газено, фрлано… На крајот сфатив дека сите го напуштаме овој свет и веќе чувствувам како да завршува и мојата мисија. Гледам кон исчезнувањето и заминувам од овој свет. Верувам дека ви бев драг спомен. Знам дека сѐ уште ме чувате во некоја фиока, книга, во своите срца и понекогаш ме препрочитувате.
Простете ми ако ви носев лоши вести, ако за момент ве растажив, но тоа беше дел од мојата служба, затоа и постоев. Паметете ме по добро и по добрите вести што ви ги носев.

Жалам што заминувам, што ве напуштам, но едноставно мораме да ги прифатиме работите какви што се, да го прифатиме современиот начин на живеење.
За крај ви испраќам едно големо збогум или подобро до гледање, никогаш не се знае што носи иднината.

Ве поздравува вашиот верен пријател,
Вера, Надеж и Љубов

Пандора Манева
деветто одделение,
ООУ „Никола Карев“
– Кочани
ментор: Љупка Стојменова