Оваа година Кинотеката на Македонија по повод Светскиот ден на аудиовизуелно наследство ќе прикажува филмови од приватната збирка на режисерот Милчо Манчевски. Филмовите на 35 мм лента и во ДЦП-формат беа донесени од Њујорк во Скопје, и ќе останат на трајно чување во филмските депоа на кинотеката. Меѓу филмовите се наоѓаат и 35-милиметарски копии на сите играни филмови на Манчевски, а тие ќе бидат прикажани во текот на ноември, во киносалата на кинотеката. На 2 ноември ќе има проекција на копијата од „Бикини мун“ (2017), на 3 ноември проекција на „Мајки“ (2010), на 12 ноември ќе може да се погледне „Сенки“ (2007), а на 15 ноември „Прашина“ (2001).
По повод донацијата и по повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, во ноември Манчевски свечено ќе ѝ ги отстапи на чување и користење овие филмови на кинотеката. Поради презафатеност овие денови и премиерните прикажувања на неговиот најнов игран филм „Врба“ на филмскиот фестивал во Рим и македонската премиера што претстои на почетокот на ноември, режисерот Манчевски сѐ уште не го прецизирал точниот датум на неговото гостување во кинотеката.