Дванаесеттата меѓународна литературна манифестација „Година на есејот“, која ја организира медитеранската академија „Браќа Миладиновци“ – Струга, ќе се одржи на 7, 8 и 9 јуни во Струга и во Охрид. Управниот одбор на Медитеранската академија донесе одлука годинашен лауреат на признанието „Академија на Медитеранот‘‘ за 2018 година, да биде современиот писател и есеист од Романија, академик Јон Деаконеску.
Манифестацијата годинава се организира по повод 157-годишнината од излегувањето на Зборникот на народни умотворби на Браќата Миладиновци во Загреб. Ќе има учесници од Австрија, Албанија, Бугарија, Македонија, Србија, Романија, Турција, Хрватска и од Украина.
Деаконеску (1947 г., Логрешти, околијата Горж, Романија) е еден од најголемите романски писатели, есеист, книжевен критичар, универзитетски професор и академик. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Букурешт (студии за француски јазик и литература), а потоа дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Крајова. Работел како професор и лектор по романски јазик на универзитетите во Скопје, Белград и во Нови Сад. Од 1994 година, претседател е на романската академија „Михај Еминеску‘‘, чии соосновачи се големите светски бардови: Боксе, Едуардо Сангвинети, Часлав Милош, Андраде, Морина и други писатели. Основач е на издавачката куќа „Европа‘‘. Учесник е на повеќе меѓународни книжевни и научни манифестации. Член е на Советодобниот комитет на Американскиот светски библиографски институт. Во 1975 година дебитира во списанијата „Пламен‘‘ и „Стремеж‘‘. Автор е на книгите: „Апарат за фотографирање на душите“, „Садови посолени“, „Крикот на сеќавањата“, „Мигот на вечноста“, „Граматика на случајот“, „Вечерна ѕвезда“, „Пустинската градина“, „Раната на мракот“, „Северчевиот век“, „Големото будење“, „Непотребниот ек“, „Песни“, „Празникот на погубеното“, „Надеж“, „Последното крило“, на романот „Поезија и налудничавост“, на Антологија на современата европска поезија, Антологија на светската универзална поетика, теоретско-есеистичките книги: „Реторика на огледалата“, „Грчкото и латинското говорништво“, „Археологија на читањето“, „Критички проникнувања“, „Општа реторика“, „Теорија на меѓународните односи“, „Културните вкрстувања“. Неговите книги се преведени на повеќе светски јазици, самиот преведува книги од македонски, српски, бугарски, италијански, хрватски и од француски јазик. Добитник е на наградата на Сојузот на писателите на Романија, наградата „Данте Алигиери“ во Италија, наградата „Палеолог‘‘ на Владата на Република Романија и Министерството за култура, наградата „Михај Еминеску‘‘, наградата „Марин Сореску“ и странските признанија и награди: големата литературна награда „Рагуза“, златниот медал „Лумина“, наградата „Рафаел Алберти“ и др.
На програмата на „Година на есејот“ е перформансот „Арс лонга-вита бревис“, свечено отворање на манифестацијата со „Т’га за југ‘‘ од Константин Миладинов (композитор Зафир Хаџиманов), следуваат изложба и литературен портрет на лауреатот од Романија. Реч ќе имаат Раде Силјан, писател и Разме Кумбароски, писател. Ќе бидат прочитани песни од Деаконеску на македонски и на романски јазик, како и неговата порака и обраќање до присутните. Предвидена е тркалезна маса на темата „Задоволство во есејот“, промоција на повеќе нови книги и средба со издавачи од повеќе балкански земји.