Стратегијата за создавање и масовно давање вакцина против ковид-19 на населението може да биде поткопана од имунолошкиот систем на постарите луѓе
Во хипотетички алтернативен универзум, каде што веќе имаме вакцина против ковид-19, светските лидери ќе имаат избор како да ја достават до населението. Најранливите луѓе, заедно со медицинските сестри, лекарите и медицинските работници што се грижат за нив, најверојатно најпрво ќе бидат заштитени. Само да беше сликата толку јасна. Најранливата возрасна група, старите лица, е особено незгодна за вакцинирање.
– Имаме многу малку вакцини дизајнирани за постара популација. Во изминатиот век повеќето вакцини најчесто беа насочени кон детски болести – вели Шејан Шариф, професор по вакцинологија на Универзитетот во Гвелф, Канада.
Херпес зостер е еден исклучок. Вакцината обично им се дава на пациенти во 70-тите години од животот и има уште една или две други вакцини за болести како менингитис или човечки папилома вирус, развиени за помлади возрасни лица. Но, во спротивно, имунологијата е главно во корист на децата.
– Имаме огромно знаење за детските болести. Кога станува збор за помлади возрасни лица, средовечни или постари лица, немаме многу искуство – вели Шариф.
За да разбереме зошто постарите луѓе потешко се вакцинираат, мора да ги разгледаме разликите во нивниот имунолошки систем. Многу заразни болести се потешки кај постарите возрасни отколку кај помладите. Постарите луѓе имаат повеќе фактори на ризик – цел живот на изложеност на канцерогени или други заразни болести го зголемува ризикот од идна болест од нови инфекции. Но тие исто така претрпуваат нешто што се нарекува стареење на имунолошкиот систем.
Исто како и многу други делови од телото, нашиот имунолошки систем покажува знаци на стареење. Некои од имуните клетки ја губат својата функција. Имунолошкиот систем е многу сложена мрежа на типови на клетки што комуницираат едни со други. Ако нешто некаде во системот не работи, тоа ја прекинува деликатната рамнотежа на имунолошкиот одговор.
Кога сте заразени од патоген, првиот слој на имунолошкиот систем, вродениот имунолошки одговор, почнува да го напаѓа патогенот на местото на инфекцијата. За респираторни заболувања, тоа може да бидат белите дробови, душникот или носот. Белите крвни клетки или макрофагите го напаѓаат патогенот, голтајќи го пред да го уништат.
Како што макрофагите го распаѓаат патогенот во себе, тие презентираат негови парчиња пред друг вид имунолошки клетки познати како Т-клетки. Овие служат како „меморија“ на имунолошкиот систем. Т-клетките не можат сами да го видат патогенот и им требаат одредени макрофаги, наречени антигени клетки, за да им го покажат патогенот. Тоа го активира следниот слој, адаптивниот имунолошки систем.
Постојат неколку вида Т-клетки. Т-клетки убијци, или цитотоксини, ги напаѓаат клетките на телото за да ги елиминираат клетките што веќе се заразени од патогенот, намалувајќи го неговото размножување. Помошните Т-клетки им даваат помош на Б-клетките, друг дел од адаптивниот имунолошки систем.
Б-клетките можат да го видат патогенот самостојно, но за оптимална функција им требаат помошни Т-клетки. Б-клетките произведуваат антитела. Но за да се произведат најефикасните антитела, потребна им е оваа комплексна интеракција со Т-клетките.
Целта на вакцинацијата е да ги стимулира нашите имунолошки системи да произведуваат ефикасни антитела пред да бидеме изложени на патогенот. Досега многу се зборуваше за тестовите со антитела како начин да се докаже кој имал ковид-19. Сепак, не функционираат сите антитела. Не секој што бил заразен со САРС-КоВ-2, вирусот што предизвикува ковид-19, има антитела, а некои антитела имаат ограничен животен век.
Вакцинолозите велат оти деликатната рамнотежа помеѓу сите овие клетки е нарушена кај постарите лица. Што се случува во имунолошкиот систем на постарите лица?
– Во суштина, сите тие типови на клетки се нарушени во нивната функција. Тие произведуваат различен сет цитокини, протеини што помагаат во комуникацијата помеѓу имуните клетки. Мислам дека важно прашање што треба да се има предвид е дека никој од тие типови на клетки не дејствува самостојно – вели Биргит Вајнбергер од Универзитетот во Инсбрук, кој ги проучува стареењето на имунолошкиот систем и вакцинирањето постари лица.
Ако презентацијата на антигенот од макрофагите е нарушена во староста, ова може да доведе до намалување на активирањето на Т-клетките, помала помош за Б-клетките и помал одговор со антитела. Но тоа може да биде поради проблеми со првиот вроден одговор.
– Треба да се има предвид како сите различни делови на имунолошкиот систем дејствуваат заедно – вели Вајнбергер.
Исто така, според Шариф, имаме конечен број Б-клетки и Т-клетки во нашиот адаптивен имунолошки систем и некои од нив ги губиме со текот на времето. Тоа може да создаде проблеми во подоцнежниот живот
– Кога ќе наидеме на нов патоген, нашата способност да одговориме станува многу поограничена – вели Шариф.
Стареењето на имунолошкиот систем не влијае исто на сите луѓе. Како и со другите делови од телото, некои луѓе стареат подобро од другите или имаат доволно среќа да ја имаат вистинската генетска предиспозиција. Но не е сѐ толку лошо. Некои делови од нашиот имунолошки систем исто така се подобруваат со возраста.
– Постојат некои клетки во нашиот имунолошки систем што стануваат поинтензивни како што старееме. Ако сме биле изложени на широк спектар на патогени, имаме имунолошка меморија за нив, затоа не треба да имаме оклоп на клетки за да одговориме на нови антигени – вели Шариф
Но САРС-КоВ-2 е еден од вирусите на кои никогаш не сме биле изложени, па така ја немаме таа меморија.
Ова е рамнотежата воспоставена од нашиот имунолошки систем. Постарите луѓе имаат подобра имунолошка меморија за работи на кои веќе биле изложени, но имаат поограничен репертоар за да одговорат на нови болести. Обично, ова може да биде добро. Но како што луѓето почесто доаѓаат во контакт со повеќе патогени што скокаат од еден на друг вид, нашата способност да се справиме со нови болести може да биде клучна.
Кога вакцините минуваат низ клинички испитувања кај луѓето, во првата фаза тие се тестираат за безбедност (обично само на неколку лица), во втората фаза се тестираат за ефикасност (без разлика дали произведуваат одговор каков што сакаме) и во третата фаза се тестираат за ефикасност (ако дадат вистински одговор, дали навистина функционираат во заштитата од болести). Вакцините треба да направат компромис. Иако може да функционираат добро кај една група луѓе, истите тие можат да функционираат послабо кај други лица. Во моментот има повеќе клинички испитувања за вакцини против ковид-19, а многу од нив може да ги минат сите фази на одобрување. За Вајнбергер и Шариф, ова е добра работа. Да се има пакет вакцини на кои можете да се потпрете значи дека може да се избере вистинското сценарио. Некои може да функционираат подобро за старите луѓе отколку за другите лица.
Ниту една вакцина нема да биде совршена.
Не постои вакцина што може да обезбеди 100 отсто ефикасност – вели Шариф.
Иако сите одобрени вакцини ќе треба да покажат дека штитат од болести, не сите вакцини ќе спречат пренесување. Повеќето вакцини дејствуваат спречувајќи го патогенот да предизвика болест, но не мора да го елиминираат од телото, што значи дека вакцинираното лице сепак може да исфрли вирусни честички и така потенцијално да зарази други лица околу себе. Ова има важна импликација за тоа како избираме да го вакцинираме населението. За оние што треба да одлучат кој ги прима вакцините, акцентот треба да се стави на ранливите категории.
Но ако вакцинираме медицински сестри, лекари и медицински работници без претходно да ги вакцинираме пациентите, тие клучни работници може да бидат заштитени, но сепак може да го пренесат патогенот на други ранливи луѓе.
– Вакцината може да го наруши пренесувањето, но тешко дека ќе најдеме вакцина што целосно ќе го запре пренесувањето на вирусот. Вакцините против грип се всушност добар пример. Тие не прават многу за да го намалат пренесувањето, но ги намалуваат болестите – вели Шариф.
Вајнбергер вели дека стратегијата за вакцинација е комплексна сложувалка од социјални, медицински, политички и економски фактори. Но она што треба да биде јасно е дека додека смртноста е многу поголема кај некои групи, тие треба да бидат приоритетни. Другите треба да се навикнат да живеат со вирусот.
Како возраста влијае врз ширењето на вирусот е сè уште голема мистерија. Вајнбергер е загрижен за наодите од некои рани истражувања, според кои децата се помалку заразни. Тие студии, според Вајнбергер, не биле оптимални за да се дојде до тој заклучок, бидејќи биле спроведени кога децата во Европа биле надвор од училиште. Можеби тие деца сега ќе се заразат на училиште и потоа ќе го пренесат вирусот на баба или на дедо кога ќе дојдат да ги земат од училиште. Подобро разбирање на ширењето на вирусот ќе ги открие најдобрите стратегии за вакцинирање на популацијата. Според Вајнбергер, добро е што го забрзуваме процесот за развој на вакцина, но за некои одлуки прво ни треба знаење.
Откако првпат започнавме да лекуваме луѓе од ковид-19, медицинското знаење за терапиите значително се придвижи напред, дури и ако ретко беше спомнувано во медиумите, нешто што Шариф го смета за збунувачки.
– Помалку луѓе можеби се свесни за напредокот со имунотерапевтиците, а тоа е така зашто тие можеби се помалку гламурозни. Сите можеме да замислиме вакцина, сите треба да можеме да запомниме дека имаме вакцина. Но ако ве замолат да замислите имунотерапија, можете ли да го сторите тоа. Понекогаш замижуваме и велиме дека вакцините се единствениот спасител, но тоа не е случај. Вакцините може да траат од 14 до 28 дена и бараат повеќе инјекции и изложеност. Имунотерапевтиката може да функционира за неколку минути и часови – нагласува Шариф.
Според Шариф, најголемата надеж за постарите луѓе што страдаат од ковид-19 може да биде кога ќе најдеме лек што го намалува времето минато во болница од недели на денови, па дури и што целосно ја отстранува потребата од интензивна нега.
Стотици лекови во моментов се испитуваат како потенцијални третмани за ковид-19. Во моментот, еден од најперспективните лекови е „дексаметазон“, стероид докажан за намалување на стапката на смртност кај пациенти што примаат кислород, кој е одобрен за употреба во Британија и во Јапонија и кој му беше даден на претседателот на САД, Доналд Трамп, откако беше хоспитализиран поради ковид-19.
Во моментот, Американската агенција за лекови (ФДА) има овластено пет лека за „итна употреба“, меѓу кои и „дексаметазон“. Ниту еден од нив сè уште не добил одобрение од ФДА по клиничко испитување, па затоа се користат само во многу специфични случаи. Но придобивката од барањето третман меѓу познати лекови е тоа што тие веќе добиле одобрение и е докажано дека се безбедни во други контексти. Нивното одобрување по успешно клиничко испитување треба да биде релативно брзо или многу побрзо од времето за одобрување нова вакцина. Постарите лица хоспитализирани со ковид-19 може да имаат корист од истражувањето на овие третмани пред да добијат вакцина.