Во селото Црвена Вода, Дебарца, на родната куќа на истакнатиот македонски писател за деца Ванчо Николески (1912-1980) неодамна беше поставено спомен-обележје во негова чест. Иницијатори за овој убав гест се претставници на општината Дебарца-Белчишта, новинарот и публицистот Веле Митаноски, чија родна куќа се наоѓа до домот на Николески, и писателот Петко Шипинкаровски.
Спомен-обележјето го откри писателот за деца Христо Петрески, претседател на собранието на ДПМ. Пред многубројните присутни, почитувачи на делото на писателот Ванчо Николески, говореше писателот Мишо Китаноски.
– Како досега така и во иднина не ќе може да се замисли македонска читанка за учениците во основното образование без творбите од Ванчо Николески, како што не може да се состави и објави ниедна антологија на македонската литература за деца без негови песни и раскази. А, тоа е повеќе од доволно за неговото основоположништво и целокупно творештво, оставено во наследство на идните македонски генерации. Тој исто така долго време беше и нашиот најчитан автор – рече Китаноски.
Ванчо Николески е втемелувач и основоположник на македонската литература за деца и еден од нашите најплодни автори. Неговото име во македонската историја на детската литература е запишано со златни букви, затоа што тој е автор на првата книга песни за деца „Македонче“, објавена во 1946 година, на првите книги поеми за деца „Мице“ и „Во полската куќичка“ ( 1947) и на првиот роман во македонската литература за деца „Волшебното самарче“ (1958).Тој уште напиша и објави уште триесетина книги поезија и проза (раскази и романи), меѓу кои и романот „Гоце Делчев“. Ст.К.