Познавачите на состојбите и стручни луѓе тврдат дека вакви поројни дождови нема да ни предизвикуваат какви било опасности доколку сите канали се исчистени и доколку општините си ги следат и познаваат состојбите на теренот и во согласност со сето тоа преземаат конкретни чекори, поточно проекти
Најавените обилни дождови во форма на невреме повторно им се закануваат на Скопје и на скопскиот регион, а бидејќи ќе продолжат и наредниве денови со различен интензитет во различни делови, поплавите се закана и за другите градови во земјава. Можеби е оправдан стравот од поплавување, бидејќи уште по првите поројни врнежи во неделата имаше неколку поплавени дома во селата Црешево и Стајковци. Атмосферската вода навлезе и во пониските делови во дворовите на некои од куќите во населбата Ченто, па нивните сопствениците стравуваа дека водата ќе надојде и во нивните домови. На социјалната мрежа Твитер, твитерџиите во неделата веднаш предупредуваа дека опасно е по скопската обиколница и препорачуваа да се избегнува. Од Центарот за управување со кризи неофицијално ни кажаа дека обиколницата речиси половина час била затворена за сообраќај.
Токму на оваа сообраќајница во поплавите што се случија пред две години имаше и жртви, а билансот од поплавите беше 22 човечки животи. Што и колку е направено потоа за да бидеме мирни конкретно не ни одговорија од градот.
Невремето во неделата предизвика и проблеми во сообраќајот, а во делови на Скопје имаше и прекин во снабдувањето со струја. Час и половина без струја останаа жителите на населбите Аеродром, Ново Лисиче, Мичурин и населбата Лисиче. Скопските улици беа преполни со вода и личеа на реки. Најпроблематично беше на познатите критични точки за нас граѓаните, подвозникот пред Црниче, оној пред мостот „Гоце Делчев“, улицата зад ТЦ „Рамстор“ потоа во општината Бутел кај поранешната текстилна фабрика „Наше дете“ и други. Поројните дождови неделава можно е да го зголемат и водостојот на реките, а граѓаните само посакуваат да не се повторат настаните од 2016 година. Токму затоа се надеваат дека градските власти и општините се целосно подготвени за евентуални невремиња, како со стратегија, така и со кадар и механизација, бидејќи навистина не смее да се дозволи и по две години од поплавата во Црешево и во Стајковци, повторно да имаме повторување на настаните со жртви и огромни материјални штети. Секако, потребна е и подобра инфраструктура во градов, па оттаму ги прашавме во ЈП „Водовод и канализација“ колкава е покриеноста на градов со атмосферска канализација, а оттаму ни одговорија дека станува збор за само 30 отсто.
– Во зависност од интензитетот на врнежите и нивното времетраење критични места се подвозниците на булеварите Киро Глигоров, Србија, Павел Шатев, Александар Урдаревски кај поранешно „Наше дете“, клучката кај хотелот „Континентал“, подвозникот кај хотелот „Александар палас“. Иако повеќето од подвозниците се покриени со автоматски атмосферски пумпни станици чија функција е да ги прибираат и одведуваат атмосферските води во атмосферската канализација, сепак при поројни дождови над 30 литри на кубен метар и за краток временски период се создаваат заезерувања на посочените критични места и потребен е извесен временски период за да може атмосферската мрежа да ги прими атмосферските води. По престанокот на врнежите за краток временски период се стабилизира мрежата, односно доаѓа до постепено истекување на водите и нормализирање на сообраќајот на посочените критични места, велат од ЈП „Водовод и канализација“. Оттаму информираа дека по неделниот пороен дожд нивните екипи заедно со целиот раководен тим и службите на градот Скопје биле во координација и почетокот на работа ја почнале уште во 14 часот и тоа во населбата Ченто. Ги надминале сите проблеми на приоритетните булевари и улици на целата територија на Скопје, настанати и од невремето што заврши во 2 часот по полноќ.
На нашите прашања колку е градот подготвен за обилните врнежи и кои се плановите и стратегијата доколку се случи невреме како неделното, кусо ни одговорија.
– Градот Скопје перманентно ја следи состојбата со врнежите и сета расположива механизација и човечки ресурси на јавните претпријатија и бригадата за противпожарна заштита се во постојана приправност. Исто така, се следат состојбите на теренот и временската прогноза и сме во комуникација и со државните институции, кои се надлежни за дејствување во кризни состојби. Под постојан надзор е комплетната подземна инфраструктура и сите можни критични точки за излевање поголеми количества атмосферски води. Јавните претпријатија на градот Скопје се на терен и ги отстрануваат оштетувањата на инфраструктурата, настанати со претходните врнежи – објаснија од градот Скопје. Но не одговорија каде се црните точки во Скопје кога се случуваат обилни врнежи, колку е градот покриен со атмосферска канализација и што е реализирано две години по поплавувањето на Стајковци.
Познавачите на состојбите и стручни луѓе тврдат дека вакви поројни дождови нема да ни предизвикуваат какви било опасности доколку сите канали се исчистени и доколку општините си ги следат и познаваат состојбите на теренот и во согласност со сето тоа преземаат конкретни чекори, поточно проекти.
– Каналите од селата Црешево, Булачани и Страчинци го полнат Стајковци со вода. Доколку тие се исчистени, продлабочени и направено по примерот на каналите што биле изградени пред 40 години, тогаш ќе се елиминира опасноста од поплавување. За пример е каналот во населбата Ченто, близу објектот на Матичната служба со широчина од шест метри и длабочина од осум метри со заштитна мрежа. Овој канал не случајно е направен со вакви димензии. Скопје е познато како котлина со сливно подрачје и затоа треба да се исчистат и продлабочат каналите за во нив слободно да се излеваат водите. Треба да се направат пречки, каскади за слевање на водотеците. Освен тоа, секоја општина треба да има луѓе, експерти и познавачи на проблематиката, луѓе што секојдневно ќе бидат на терен и ќе бараат од надлежните да се направат потребните работи. Еве на пример реката Серава неколкупати беше исчистена од претходната општинска гарнитура, но сега во нејзиното корито има трипати повеќе дрвја и вегетација, кои сега се потенцијална опасност да го задржат ѓубрето и да се случат поплави. Процесот за подготвеност од поплави е нонстоп, а не само една недела – вели Тони Димковски, дипломиран шумарски инженер.
Како познавач на состојбите со речните дотоци во општината Бутел, Димковски само како пример ја споменува Раштанска Река, за која вели дека е река до пред автопатот, а потоа ја снемува и во денови кога се случуваат вакви обилни дождови таа се разлева кај Стајковци. Затоа се потребни, вели, каскадни прегради.
Од Центарот за управување со кризи, пак, неофицијално ни потврдија дека по неделните поројни дождови во Скопје не се регистрирани поголеми штети.
Противпожарните екипи биле излезени на терен и ги санирале настанатите проблеми, а го потврдија и прекинот во снабдување со струја во општината Аеродром. Неофицијално ни споменаа за поплавување на три подрумски простории. Иако не добивме официјален одговор на нашите прашања од ЦУК во телефонски разговор ни нагласија дека им препорачуваат на општините да се чистат почесто речните корита. Граѓаните доколку имаат потреба или, пак, постои случај на ризик, опасност и други несреќи да се јавуваат на бесплатниот телефонски број 195, кој е достапен 24 часа. Преку него граѓаните можат да дојават информации што упатуваат на кризна ситуација или состојба, односно во случај на ризици, опасности и други несреќи на целата територија на државата.