Резултатите од неодамнешните шпански избори го потврдуваат трендот на политичка фрагментација во Европа. Расцепкувањето на европската политичка сцена го зголемува и економскиот ризик во Европа, предупредува Стратфор.
– Низ континентот постои широкораспространето чувство меѓу милиони семејства дека традиционалните политички сили не се во допир со реалноста, па затоа гласачите бараат нови опции. Економската криза во 2010 година ја намали популарноста на традиционалните политички партии и придонесе за појава на нови политички сили на десницата и левицата, кои често се борат против естаблишментот – нагласуваат аналитичарите на американската организација.
Имиграциската криза, исто така, придонесе за појава на националистички и антиимиграциски партии низ целиот континент. Појавувањето на повеќе екстремистички партии ги принуди партиите од центарот да се свртат уште повеќе кон десно или кон лево за да се натпреваруваат, продлабочувајќи ја поларизацијата во многу земји. Овој феномен не се забележува само во Европската Унија. Во Норвешка, која не е членка на европскиот блок, податоците исто така покажуваат дека политичкиот пејзаж е сѐ пофрагментиран.
Последиците од политичката фрагментација на Европа се веќе видливи во неколку земји. Во наредните години, социјалните, економските и политичките последици од овие трендови најверојатно ќе продолжат или дури и ќе се зголемат, особено затоа што многу од најголемите економии на континентот почнуваат да бележат забавување на темпото на пораст. (Италија е во рецесија, додека Германија неодамна ја намали прогнозата за пораст за 2019 година.)
Политичкиот ризик и со него поврзаниот економски ризик ќе продолжат да ја мачат Европа и во иднина, заклучуваат аналитичарите на Стратфор.