Панчевски го совлада истакнатото светско шаховско име Широв, а цел поен освои
и Николовски, по што Македонија и понатаму е поуспешна од Шпанија (шести фаворит
на ЕП 2019) во меѓусебните дуели на ЕП
Машката шаховска репрезентација на Македонија (просечен рејтинг 2.498 поени, рангирана 29-та пред турнирот), оствари голем успех во 7. коло на 22. Европско првенство (ЕП) во Батуми, Грузија, играјќи нерешено, 2-2, со посилната Шпанија (2.663, рангирана шеста).
На првата табла Кирил Георгиев (2.577 рејтинг-поени) со црни фигури загуби од Давид Гуихаро (2.674), а на втората Трајко Недев (2.500) не искористи т.н. матен напад и загуби од искусниот Ваљехо Понс (2.694). Филип Панчевски (2.490) во еднаква позиција го искористи превидот на фигура во завршницата на истакнатото светско шаховско име со летонско потекло Алексеј Широв (учесник на Турнир на кандидати за предизвикувач на светски првак), а Никола Николовски (2.424) од загубена позиција, со серија грешки на Мануел Перез (2.621), успеа да оствари цел поен, за реми 2-2. Ова е третпат како Македонија игра со Шпанија на ЕП и има позитивен скор. Во 1997-та Македонија славеше со 2,5-1,5, а во 1999-та беше нерешено 2-2 (вкупно по табли 6,5-5,5).
– Во шпанска партија ја играв варијантата на Чигорин, која десетина години ја немам одиграно, и успеав да го изненадам противникот во отворањето. Широв одлично играше во средишницата, а јас сето време се борев да ја изедначам позицијата и бев среќен што успеав да избегнам позиција што е негов стил на игра. Широв важи за одличен тактичар и напаѓач, а многумина го споредуваат со славниот Михаил Таљ. Водевме комплексна позициска борба, каде што тој пред да ја предаде партијата, веројатно поради замор, превиде фигура, во малку понепријатна позиција за мене – ни изјави Панчевски, кому ова му беше втора победа (има и две ремија) од седум кола на ова ЕП.
На две кола до крајот на ЕП 2019, Македонија со седум бода (12 поени по табли) е на солидното 22. место. Вчера, во осмото коло, ривал на Македонците беше Шведска (2.578, рангирана 20-та). Води Русија со 12 бода, пред Украина, Англија и Германија, со по 11.
Шахистките на Македонија (1.986, рангирани 31-ви од 32 селекции) уште се без победа. Во ова коло го впишаа и третото реми, против Финска (2.015, рангирана 29-та). Цел поен освои Бојана Бејатовиќ (рејтинг 2.004) против Алиа Даненберг (1.902), Моника Стојковска загуби, Ивана Манова го освои првиот половина поен, а ремизира и Габриела Коскоска. Ова е четврти пат како играат со Финска на ЕП, а Македонија е поуспешна. Пред десет години и во 2017-та славела со 2-0, односно со 3,5-0,5, а во 1997 било 1-1 (вкупно 8,5-3,5 по табли). На две кола до крајот на ЕП 2019, Македонките се на 31-то место, со три бода (7,5 по табли), а вчера во претпоследното коло играа со Шведска (2.235, рангирана 22.). Води Русија со 13 бода, пред Грузија со 11.