Првиот пораз по трите победи во низа го симна Вардар од челната на третата позиција, на врвот загосподари Кил, кој уште е непоразен, а Монпелје има ист број бодови колку и Вардар
Тешко беше да се игра против агресивната и офанзивна одбрана на Кил. Особено во првото полувреме, кое го одигравме многу лошо. Едноставно, тоа беше катастрофално за нас, бидејќи премногу грешевме, особено во ударите кон голот, и постигнавме само четири гола. А, полувреме со четири постигнати гола немам видено досега. Потоа со таков резултат беше тешко да се игра во вториот дел, иако бевме подобри. Загубивме, но мораме да се соземеме и да продолжиме понатаму, коментира вардаровиот тренер Давид Писонеро по поразот на Вардар од германски Кил, во 4. коло од годинашната Лига на шампионите (ЛШ).
А поразот, вкупно петти од седумте дуели со трикратниот европски првак Кил, беше убедлив, со 11 гола разлика, 20-31 (4-16). Повисок пораз од Кил црвено-црните доживеале само пред 10 сезони, кога на гости загубиле со 23-39. Вардар во ЛШ досега вкупно 15 пати има постигнато помалку од 10 гола во првите 30 минути, а еднаш (сезона 2004/2005) му се случило во Скопје, против Барселона, да постигне четири гола и во вториот дел 12-26 (8-15).
Првиот пораз по трите победи во низа го симна Вардар од челната на третата позиција, на врвот загосподари Кил, кој уште е непоразен, а Монпелје има ист број бодови колку и Вардар.
Мечот практично беше решен во првото полувреме, кога црвено-црните постигнаа неверојатни четири гола (Чупиќ, Кристопанс, Дибиров, Шишкарев), а примија дури 16, негатива .во вториот дел беше преголем залак за евентуален пресврт. Скопјани имаа многу промашени зицери, за разлика од гостите, кои со цврстата и истурена одбрана и напад „седум на шест“ го „парализираа“ противникот. Импресионира извонредниот дански голман Никлас Ландин, со 14 одбрани. Вардарци 20-те гола ги постигнаа од 43 обида (46,51 отсто ефикасност), а гостите 31 од 50 шута (62 отсто).
Во следното коло Вардар го очекува тешко гостување кај унгарски Веспрем. Г.И.
Само Савехов има четири победи во ЛШ сезонава
Ракометрите на Вардар, Киелце, Татран и на Чеховски медведи не ја искористија предноста на домашниот терен и забележаа порази во 4. коло од Лигата на шампионите. Прв пораз дома, а втор сезонава претрпе полскиот првак Киелце. Францускиот вицепрвак Монпелје, кој во своите редови ги немаше тројцата стандардни првотимци Мелвин Ричардсон, Диего Симоне и Јонес Туркановичиус, успеа да најде мотив, сила и тактика да одигра одлична партија на гости и да ја забележи својата трета победа во низа (29-27). Прв пораз дома, а трет сезонава, доживеа и рускиот првак Чеховски медведи во дуелот со Динамо (20-30), а четвртиот пораз во низа на словачкиот Татран (23-28) му го нанесе шведскиот шампион Савехов, кој е единствената екипа во сите четири групи со максимален ефект од четири победи. Та.Д.
ГРУПА А
Фленсбург – Загреб 20-17
Барселона – Елверум 33-24
Алборг – Сегед синоќа
ПСЖ – Целје синоќа
ТАБЕЛА
Фленсбург 4 3 1 0 7
Барселона 4 3 0 1 6
Aлборг 3 3 0 0 6
ПСЖ 3 3 0 0 6
Сегед 3 1 1 1 3
Целје 3 0 0 3 0
Елверум 4 0 0 4 0
Загреб 4 0 0 4 0
Идно коло: Барселона – ПСЖ, Алборг – Фленсбург, Целје – Елверум, Загреб – Сегед.
ГРУПА Б
Вардар – Кил 20-31
Киелце – Монпелје 27-29
Мешков – Мотор 33-31
Веспрем – Порто синоќа
ТАБЕЛА
Кил 4 3 1 0 7
Монпелје 4 3 0 1 6
Вардар 4 3 0 1 6
Порто 3 2 0 1 4
Киелце 4 1 1 2 3
Веспрем 3 1 0 2 2
Мешков 4 1 0 3 2
Мотор 4 0 0 4 0
Идно коло: Порто – Мотор, Монпелје – Кил, Веспрем – Вардар, Мешков – Киелце.