Учениците на основното училиште „К.Ј. Питу“ во Кичево годинава денот на училиштето го одбележаа на еден поинаков и покреативен начин. Со компилација на драмска изведба на деветтоодделенците и на првачињата, кои со глума го заменија рефератот за патронот, децата ги доловија раѓањето, животот и делото на својот патрон, народниот херој Кузман Јосифоски-Питу. Првачињата, пак, преку песната „Нов ден“, ја симболизираа иднината со асистенција на наратор во заднина, кој читаше делови од биографијата на Питу.
Потоа пред присутните родители и ученици ретроспектива на училишните активности во оваа учебна година имаше директорката Анета Божиноска, а дел од содржините се емитуваше на еден од петте ТВ-екрани, колку што на ова училиште му додели фондацијата „Отворено општество“, чија вкупна вредност изнесува 50.000 денари. Тоа беше награда за активностите спроведени во рамките на проектот „Успешни наставни практики“.
Директорката Божиноска истакна дека со несебична помош на локалната самоуправа е исчистен училишниот двор, а веќе се аплицира за проекти и грантови за нова ограда на училиштето и санација на покривот.
– Овие зафати ќе помогнат за создавање позитивна клима за учениците и подигање на квалитетот на наставата и успехот на учениците – посочи директорката Божиноска. .