„Гиро-икс“ е прототип автомобил од 1967 година. Тој под неговата хауба има
вградено жироскоп, кој се користи за да се балансира возилото со две тркала
„Гиро-икс“, концепт за прототип автомобил на две тркала, почнал да се развива во 1960 година. Тој бил предложен како решение за идниот транспорт во светот. Во тоа време, неговите развивачи верувале дека овој автомобил е иднината на транспортот, а сега прототипното возило „гиро-икс“ може да се најде во музејот „Лејн мотор“. Овој музеј е домот на единствениот примерок од автомобилот „гиро-икс“ во светот.
Автомобилот се балансира на две тркала, преку употреба на жироскоп, кој се наоѓа под хаубата. Жироскопот е уред што има слободна оска на ротација и е способен да одговори на промените во аглите на ориентација на телото на кое е инсталиран. Кога ротира, жирото ја задржува својата позиција непроменета. Уредот во себе содржи тркало или диск, кој е монтиран на оска и може слободно да се врти во сите правци. Брзо вртење на тркалото или дискот овозможува неговата оска да може слободно да се сврти во сите правци. Жироскопите може да се користат за мерење и одржување на ориентацијата.
Овој автомобил е развиен во 1966-1967 година од двајца многу познати луѓе, Том Самерс и Алекс Тремулис. Алекс Тремулис бил дизајнер на автомобили добро познат по својата работа како директор за стајлинг на „Форд“. Томас Самерс бил експерт за жироскопи што ја интегрирал технологијата во ракетните навигациски системи за време на Втората светска војна. И двајцата живееле во областа на Лос Анџелес и станале пријатели. Секогаш биле заинтересирани за развој на жироскопски балансиран автомобил. Така, во 1966-1967 година тие добиле околу 750.000 долари од инвеститори за да го развијат овој автомобил. Дуото верувало дека „гиро-икс“ можел да реши многу од проблемите што ги имале автомобилите во тоа време.
– Автомобилот би бил побезбеден затоа што би бил постабилен. Потоа не би се лизгал и автомобилот исто така бил повеќе аеродинамичен од типичниот автомобил од таа ера. Исто така, овој автомобил е половина од ширината на нормалниот автомобил во тоа време и така можело да се стават двојно повеќе автомобили на постојните патишта – вели Џеф Лејн од музејот „Лејн мотор“ за „Бизнис инсајдер“.
За жал, „гиро-икс“ бил оценет за нестабилен автомобил. Неговиот комплексен инженеринг барал уште многу години за да биде усовршен. Компаниите „Тремулис“ и „Самерс“, „Гиро транспортни системи“ банкротирале околу 1970 година, пред да стигне да се произведува возилото. Кога Џеф Лејн го стекнал автомобилот, тој ја начекал речиси само школката на автомобилот. Недостигале неговиот жироскоп и многу други работи.
– Го купивме автомобилот во 2011 година. Голем дел од автомобилот буквално немаше. Така што на него навистина требаше многу посветеност и многу работа за да се врати на она што бил во 1967 година. Нам ни беа потребни шест години. Од почетокот знаевме дека најпредизвикувачкиот дел од реставрацијата ќе биде изградбата на жироскопот. Конечно најдовме компанија од Италија што гради жироскопи за стабилизирање на големи јахти. Јас би рекол дека го направивме автомобилот да работи како и порано. Затоа решивме дека нема да го возиме на јавни патишта и нема да го возиме над 30 километри на час, затоа што сфативме дека за да го направиме автомобилот да оди со поголеми брзини, ќе треба да го редизајнираме целиот автомобил. И бидејќи ова е толку историски автомобил, не сакаме да го уништиме и да го направиме во автомобил што не е. Ние се обидуваме да го задржиме блиску до она што првично бил во 1967 година – вели Џеф Лејн.