Карикатура: Игор Калц

Црна дупка е подрачје во простор-времето од кое ништо не може да избега, дури ни светлината (на образованието). Границата на областа од каде што не е можно да се избега се вика „хоризонт на случување“. По поминувањето на таа граница, започнува процесот на „шпагетификација“, односно телото што ја поминало границата почнува да се деформира. Дали нашето образование или образовниот систем, воопшто, ја минале таа граница? Проблемите во македонскиот образовен систем се долгогодишни и длабоки, на што укажуваат и домашни и странски институции и експерти. Ако образованието се смета за клучен и носечки столб на секоја држава, кај нас тоа повеќе личи на црна дупка што ги носи во пропаст и бесперспективност и државата и младите генерации. Има ли надеж да се подобрат состојбите?

Во последниот извештај на Светска банка за Македонија, во делот на препораките до власта, стои дека е потребно таа да направи побрза реформа на образовниот систем, кој ќе создава готови кадри за стопанството. Од ова произлегуваат повеќе дилеми и прашања во однос на тоа на што поточно мислат светските банкари кога велат дека државата мора многу повеќе да направи во ресорот образование.

Кои се всушност проблемите, а и решенијата за образованието? Дали проблемите во нашиот образовен систем се суштински или технички? Дали немаме доволно и добри професори, добра настава? Дали нема доволно ресурси за квалитетно образование? Што треба да се поправи? Кои се најдобрите примери на држави, односно образовни системи што треба да ги следи Македонија кога станува збор за образованието? Знаат ли светските банкари готова формула за образовен систем што најмногу би ни одговарал нам како држава, кој треба да ни биде урнек и да го имплементираме? Чиј образовен систем би требало да го пресликаат нашите политичари за да го подобриме квалитетот на образовниот процес на сите нивоа (основно, средно и високо)?
Ниско, неефикасно и со слаби механизми за обезбедување квалитет

Токму овие прашања „Нова Македонија“ им ги постави на претставниците на Светска банка во Македонија. Оттаму истакнуваат дека човечкиот капитал во државата, кој е главно нејзино средство, се влошува забрзано.

– Според индексот на човечки капитал на Светска банка, дете родено во Македонија денеска ќе биде 53 отсто продуктивно кога ќе порасне ако го комплетира своето образование. Во последните 15 години квалитетот на образованието на сите нивоа се намалува, што се покажува и преку влошените резултати на меѓународните стандардизирани мерења на знаењата ПИСА и ТИМСС. Покрај тоа, неодамнешните процени на ОЕЦД за образовниот систем во Македонија, како и прегледот на јавните финансии на Светската банка, укажуваат на недостатоци во системот што ги ограничија резултатите во образованието. Образовниот систем на земјата се карактеризира со ниско и неефикасно трошење, со слаба одговорност и слаби механизми за обезбедување квалитет, како и со неефикасен систем за професионален развој на наставниците и напредување во кариерата, што придонесува за лоши исходи од учењето и за нееднаквост – предупредуваат во претставништвото на Светска банка во Македонија.

Училиштата треба да се во центарот на реформската агенда

Оттаму додаваат дека државата треба да преземе итни активности за подобрување и на квантитетот на нејзиниот човечки капитал (кој се мери со запишаните ученици во училиште и завршувањето на образованието) и на квалитетот на човечкиот капитал (мерено со резултатите од меѓународните и домашните национални стандардизирани тестови).
– Реформите во образованието треба да решат проблеми. Формирањето на вештините започнува рано во животот, а образованието игра важна улога на таа патека (нестекнувањето вештини рано во животот исклучува многу идни опции), и затоа се неопходни повисок квалитет на образование од самиот почеток и поправичен пристап за да се обезбедат подобри услови за вработување на младите. Државата неодамна направи важни реформи во системот на предучилишно образование и системот на грижа. За да функционира ова подобро, земјата треба да инвестира повеќе и поефикасно во квалитетот на наставата и во околината за учење во основното образование. За таа цел, Владата треба да вложи повеќе насочени чекори за подобрување на пристапот до основно образование и да им даде поддршка при учењето на загрозените групи – препорачуваат оттаму.
Властите мора да го подобрат системот на професионален развој и напредување во кариерата и да го следат и оценуваат напредокот во образованието.
– Училиштата треба да бидат во центарот на реформската агенда за да се обезбеди квалитетно учење во основното образование за сите. Зголемувањето на стапката на ученици што завршуваат средно образование, вклучувајќи ги и вештините што ги стекнуваат таму, значително ги подобруваат резултатите при вработување – издвојуваат од Светска банка.

Големата неусогласеност на образованието и стопанството брзо да се надмине

– Невработеноста кај младите е многу голема, што укажува на неусогласеност помеѓу вештините што се изучуваат во образовниот систем и реалните потреби на приватниот сектор. Иако побарувачката на труд е релативно намалена во државата, за компаниите главна пречка е тоа што не можат да пополнат слободни места, бидејќи не можат да најдат работници со соодветни профили за конкретни работни места. Во последните неколку години, Владата работеше на реформи насочени кон подобрување на квалитетот на средното стручно образование и обука, со воведување професионални квалификации, кои беа дизајнирани заедно со приватниот сектор, наставни програми базирани на компетенции и повеќе време за учење базирано на работа. Реформата се спроведува од оваа учебна година, а резултати се очекуваат за четири години – велат во Светска банка за „Нова Македонија“.
Оттаму истакнуваат дека намалувањето на бројот на ученици е проследено со зголемувањето на бројот на наставници.
– Иако времетраењето од девет години на основното образование личи на она од државите што се на исто ниво со Македонија, акумулираното време на настава е многу пониско – околу 1.000 часа помалку од просекот на ЕУ, всушност, што е еднакво на речиси една цела учебна година на школување. Од друга страна, иако една третина од училишните згради бараат поголемо реновирање, само пет отсто од вкупните трошоци за образование се трошат за капитален развој, наспроти осумте отсто што ги издвојуваат земјите-врснички. Поради недостиг од капитални ресурси, постојните капацитети се користат многу интензивно – велат оттаму.
Експертите од Светска банка уште додаваат дека иако една третина од училишните згради во државата „бараат“ поголеми реновирања, само пет отсто од вкупните трошоци за образование се потрошени на капитален развој, споредени со осумте проценти во државите што се на исто ниво како Македонија.
– Поради недостигот од капитални извори, постојните објекти се употребувани многу интензивно, што резултира со двосменско или тросменско работење во некои училишта – велат во Светска банка.


Казни за најдобрите студенти?!

Проблемите на кои укажува Светска банка се лесно воочливи и на терен. Студенти на техничките факултети при државниот универзитет УКИМ укажуваат дека од одредени професори им било кажано дека до крајот на учебната година нема да изведуваат настава и практика за нив, бидејќи само малкумина успеале да запишат година, а повеќето не фатиле услов. Тоа практично значи дека оние со највисок просек на студирање, над 9, кои ги положиле сите испити и запишале година, сега ќе седат дома без можност да следат настава и да вршат практика. Со тоа на најталентираните и најдобри студенти им се ускратува законското право на редовно студирање и стекнување вештини и знаења што им се неопходни во струката. Или, со други зборови, најдобрите студенти на овој начин се казнуваат на сметка на најлошите, на кои тогаш кога ќе фатат услов ќе им се држат предавања и практика, бидејќи се мнозинство. Токму на ваквите проблеми со немање квалитетна настава укажува и Светска банка. Студенти, пак, што студираат на дисперзирани студии во Скопје, во рамките на универзитетот „Гоце Делчев“, се жалат дека од седум дена во неделата, само еден или два дена неделно имаат предавања од по еден или два часа.
– Оставени сме сами на себе. Како да нема никаков интерес од наставниот кадар за држање редовни и целодневни предавања и вежби, што, пак, е задолжително, бидејќи сме редовни студенти. Што ќе научите од само еден до два часа неделно поминати на факултет. Ако сакавме да седиме дома, ќе се запишевме вонредно, или ќе работевме некаде. Вака само бесполезно ни се трошат најдобрите години од животот предвидени за студиска наобразба. По некои предмети дури и за полагање испити ни велат да одиме во Штип да полагаме, а не тука во Скопје, каде што студираме. Доколку нема кадар, подобро да ги затворат овие дисперзирани студии отколку да се залажуваат младите и да им се уништува иднината – велат револтирано студентите.
Вакви или слични примери има на сите нивоа на образование во државата.

Фото: Дарко Андоновски