На силниот турнир во Ставангер Карлсен и Каруана играат во 1-то коло, а досега меѓу себе одиграа 53 партии, во кои шампионот има 40 отсто победи, а предизвикувачот 21 отсто
Американскиот велемајстор (ВМ) Весли Со победи на блиц-турнир (двапати по три минути, плус две секунди за секој одигран потег), во Ставангер (Норвешка), што е само увертира пред најсилниот турнир годинава, кој со класично темпо на размислување почна вчера во истиот град. Десет шахисти, од кои моментно првите осум во светот, ќе играат во девет кола.
Кинезот и член на ШК Алкалоид, Лирен Динг го врзуваат убави спомени за Норвешка, каде што со Кина освои злато на Олимпијадата во 2014 година.
– Првпат настапувам на овој, можеби за мене најсилен турнир што некогаш сум го играл. Ќе дадам сѐ од себе да го повторам успехот од Тромсо – вели Динг, кој на блиц-турнир неочекувано заврши на дното со три поени.
Русинот Сергеј Карјакин, поранешниот претендент за светски првак, кој триумфира на првите две класични изданија (2013, 2014) и едно на блиц-турнирот (2013), годинава заврши како осми со 3,5 поени.
– Кај мене е многу едноставно. Или сум прв или последен, а би сакал да бидам прв, годинава – рече Карјакин.
Светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, лани и преклани победи на блиц-турнирот, а на класичниот разочара со претпоследното, деветто место.
– Се чувствувам добро, со нетрпение очекувам да играм и да се обидувам да бидам подобар од последниот мој настап – изјави Карлсен, кој еднаш славеше на класичниот (2016), а трипати на блиц-турнирот (2014, 2016, 2017).
Тој на годинашниот блиц-турнир го победи Фабиано Каруана, претендентот за светската круна, чиј меѓусебен меч е закажан за ноември во Лондон. Ждрепката сакаше токму тие повторно да се сретнат во 1-то коло, но сега на класичниот турнир во Ставангер. По Гренке 2018, Вајк ан Зе 2018, Лондон 2018 и Синкфилд 2017, ова е нивна нова средба на шаховската табла. Карлсен, кој има највисок рејтинг во сите три конкуренции (блиц, рапид и класичен шах), а одиграл вкупно 2.676 партии (45 отсто победи). Со Каруана досега одиграл 53 партии (40 отсто победи, 21 отсто порази). Каруана, пак, одигра вкупно 2.058 партии (40 отсто победи).