Поради опасноста од гниење на родот на нивите, од Министерството за земјоделство оваа година дадоа субвенции за откупени сливи, а од неодамна и субвенции за предадени јаболка во откупните центри. Но одгледувачите велат дека проблемот не се надминува, бидејќи откупните центри имаат мали сместувачки капацитети, а род има во огромни количества
Поволните временски услови за одредени сорти земјоделски производи оваа година им овозможија богат род, но и многу главоболки на одгледувачите. Големите количества земјоделците не можат да ги продадат, бидејќи нема извоз, а ни доволно откупни центри. Поради опасноста од гниење на родот на нивите, од Министерството за земјоделство оваа година дадоа субвенции за откупени сливи, а од неодамна и субвенции за предадени јаболка во откупните центри. Сепак, за да биде парадоксот поголем, како што посочуваат одгледувачите, проблемот не се надминува, бидејќи откупните центри имаат мали сместувачки капацитети, а род има во огромни количества.
– Долг период наназад во Македонија се произведуваат 130-150 илјади тони јаболка само во преспанскиот регион. Од нив речиси половината се уништени од град или други непогоди, другите се откупуваат по цена од 10 до 15 денари, а производствената цена е 9 денари, па како да опстојат производителите. Со 15 денари цена за килограм не можеме да ги покриеме основните трошоци, а камоли некои поголеми инвестиции или обнова на механизација. Овој период имаме околу 50 илјади тони јаболка, кои не знаеме каде да ги извеземе. Трговците сѐ помалку извезуваат, капацитетите на откупувачите и на преработувачите се многу мали, поради што огромни количества остануваат по нивите – вели Андрија Секуловски, одгледувач на јаболка.
Тој објаснува дека состојбата со одгледување јаболка со години е иста и дека ништо не е променето со децении, но истакнува дека оваа година ќе биде параметар за загуби, бидејќи одгледувачите се задолжуваат за препарати, за ѓубрива, па не се знае како ќе платат кога нема откуп. Тој додава дека проблемот е голем, бидејќи нема систем што ќе работи на тоа да се подобри квалитетот и да се има редовен пласман за производите.
– Кај нас нема воспоставено стандарди, не се води евиденција ниту кој купува од производителите, ниту по која цена, ниту каде е разликата од откупувачот до крајниот потрошувач. Тука ги откупуваат по цена од 10 до 15 денари, а ги продаваат по 50 денари. Соковите се продаваат над 60 денари, а откупуваат килограм јаболка за цени под 10 денари. Да биде парадоксот уште поголем, откупен центар во Ресен огласи дека откупува јаболка за нула денари. Па, тоа не е откуп, туку земање бесплатно, а тоа го прават, бидејќи ќе им дадат на земјоделците документ дека предале јаболка со кој можат да добијат субвенции. Затоа сега преработувачите се мегакапацитети, а земјоделците тонат во загуби – револтирано раскажува Секуловски.
Тој посочува дека за да има договорен откуп, неопходно е стандардизирано производство, но и тоа го нема, бидејќи нема кој да ги насочува да имаат квалитетен производ. Додава дека институтот во Ресен нема доволно капацитети за советување на сите одгледувачи на јаболка, а бидејќи нестандардизирано производство не им одговара на откупувачите, нема договори.
– Има субвенции, се даваат, ама многу род останува на нивата. Некаде пак имаме проблем што не е отсега, но никој не го решава. Нема систем, нештата не функционираат, нема институт, нема кој да ги советува земјоделците, чии знаења и можности се ограничени, но нема ни концепт како да се надминат проблемите – заклучува Секуловски.
Претставниците на Стопанската комора на Македонија посочуваат дека земјоделското производство треба да исполнува европски критериуми за квалитет, за да има побарувачка за домашните производи. Освен тоа, од Комората велат дека се потребни количества и капацитети за да се задоволат потребите на големите држави-увознички на земјоделски производи.
– Земјоделците треба организирано да произведуваат количества од одреден производ за да ги задоволат потребите на одредени земји-увознички, со постојан квалитет и берзанска цена, односно здружувањето на земјоделците е првиот чекор за успех. Договорното производство е резултат пред сѐ на побарувачка за одреден производ, а во корелација со количеството, квалитетот и капацитетите за извоз. Ниедно правно лице или трговец не може да им ја гарантира цената на производителите сѐ до почетокот на жетвата или бербата, сѐ зависи од понудата и побарувачката во потесното опкружување и во Европа – објаснуваат од СКМ.
Оттаму велат дека поголеми количества земјоделски производи на странските пазари може да се пласираат со субвенционирање на извозот по примерот на земји од соседството.