Сергеј Андреевски, сликар
Изложбата „Кучињата лаат“, отворена во Сомбор, Андреевски ја смета за еден вид балканска премиера, напоменувајќи дека претходно „кучињата ги прошетал“ во САД, Москва и во Нирнберг
Во културниот центар „Лаза Костиќ“ во Сомбор, во тек е ваша ликовна изложба, на чие отворање од организаторите бевте најавен и како уметник што често сонува и патува по светот. Од каде на листата на градови во кои изложувате се најде Сомбор во Војводина каде што е погребан и српскиот поет Лаза Костиќ?
– Изложбата „Кучињата лаат“ овој пат пристигна и на Балканот. Всушност, ова беше и еден вид балканска премиера. Среќен сум што се случи токму во Сомбор, преубав град со австроунгарски шмек, градот на Милан Коњовиќ, на Лаза Костиќ. Моето претставување таму дојде по иницијатива од раководителката на културниот центар „Лаза Костиќ“, Тања Димитриевиќ, која се запозна со моето творештво претходно во Буљарица, Црна Гора. На патување секогаш се оди со најдобриот другар, нели?
Така направив и јас, „ги прошетав кучињата“ во САД, а залајаа и во Москва, за преку Нирнберг, Германија да дојдат и во Сомбор. Во Москва изложбата му беше посветена на Сергеј Есенин, прекрасниот поет чие име со гордост го носам. Во Сомбор повторно изложбата е поставена во културен центар посветен на поет, овој пат, Лаза Костиќ. Секако, најмногу се радувам на податокот што ова е и градот на Милан Коњовиќ, една од легендите на балканското или некогашното југословенско сликарство.
Задоволен ли сте од начинот на кој е конципирана изложбата, со кои дела се претставувате таму?
– Покрај тоа што ме радува секое мое претставување исто така ме радуваат и разните поставки што задолжените кустоси ги прават со моите слики, тие разни ставови секогаш се важни за мене, тие му даваат друг вид живот на моето творештво
Како што може да се види на фотографиите од веб-страницата на центарот, една жена меѓу посетителите на отворањето ви подала потпишана книга од вашиот татко, писателот Петре М.Андреевски, и побарала и вие да се потпишете. Ве изненади ли тој несекојдневен гест?
– Многу емотивна беше средбата со жената што дојде на изложбата со романот „Пиреј“, барајќи од мене да се потпишам веднаш под потписот на мојот татко, кој имал поетско, писателско читање токму во Сомбор, многу одамна. Затоа јас секогаш велам дека патувањата го збогатуваат животот.
Со наближување на летото, претпоставувам, ги забрзувате подготовките за уште едно издание на уметничката резиденција „Арт Поинт – Гумно“ во селото Слоештица. Дали годинава добивте доволно средства за реализација?
– Годинава нашиот уметнички центар „Арт Поинт – Гумно“ ќе продолжи со своите вообичаени активности, со гости уметници од светот што ќе работат и на поврзување на заштитата на природата и човековата околина, секако претставено како уметничко дело. А Министерството за култура продолжи да ги казнува институциите како нашата, кои имаат евидентно добри резултати.
Дали Сомбор е единствената дестинација за ваша изложба годинава, ќе изложувате ли и во Македонија?
– Лани подготвував и годинава исто така, проект под наслов „Пиперката“, кој ќе биде поставен во Македонскиот културен центар во Њујорк, каде што покрај македонски автори ќе учествуваат и гости уметници од САД. За љубителите на ликовната уметност во нашата земја можеби ќе биде поинтересен фактот што наесен, во просториите на МАНУ, ќе имам едно поголемо претставување на слики што досега не биле изложени пред нашата културна јавност.